Н.Б: Најважниот и пресуден момент зошто одлучив да ја преземам одговорноста да го водам градот е иднината на Охрид и охриѓани, иднината на нашите деца и на генерациите што доаѓаат. Охриѓани заслужуваат многу поинаков Охрид, Охрид заслужува многу подобра иднина, а иднината и светот го заслужуваат Охрид во сиот негов сјај. Должност, чест и Охрид, тоа се три свети зборови кои за мене се клучни детерминанти на мојата определба за кандидатура. Тоа се постулати кои недвосмислено определуваат што ние сакаме да бидеме, што ние можеме да бидеме и што ние ќе бидеме.
OhridNews: Доколку победите, дали охриѓани и пациентите од регионот ќе го загубат д- р Бакрачески кој секојдневно спасува голем број животи?
Н.Б.: Не, во ниеден момент не мислам да ја напуштам професијата, не ми паѓа на памет. Јас најмалку еден ден во неделата и понатаму ќе работам во катетеризациона лабораторија, ќе бидам секогаш достапен на тимот за консултации и ќе влетувам во сала секогаш кога ќе има потреба од помош за изведување на комплексни и ризични интервенции.
OhridNews: На што сте особено горд од досега постигнатото на професионален и приватен план?
Н.Б.: Морам да напоменам дека јас сум особено горд на тимот што го создавав и кој работи со мене, почнувајќи од докторите, медицинските сестри, техничарите, болничарите и сиот помошен и придружен персонал кој заедно со мене направија револуционерно дело во унапредување на здравствената нега на населението од целиот регион. Горд сум на сето она што го постигнавме заедно со нив особено воведувањето на Одделот за Интервентна Кардиологија со која успеавме сигнификантно да ја намалиме стапката на морталитетот и морбидитетот од акутен инфаркт на срцето на населението од целиот југозападен регион на Македонија. Успевме да спасиме илјадници животи на непосреден начин, а уште толку превениравме. Знаете низ какви се паташествија претходно поминуваа пациентите од овој регион кога требаа да патуваат во Скопје за интервенција. Исто така горд сум и на започнувањето со работа на Одделот за Елекстростимулација и Електрофизиологија и на сите оние нови методи постапки со кои го обележавме развојот на Кардиологијата во Македонија.
OhridNews:Голем дел од денот поминувате во операционата сала или извршувајќи ја функцијата директор на Заводот за кардиологија. Колку Ви останува време за вашето семејство, пријателите?
Н.Б.: Морам искрено да признаам дека во првите три години кога почнавме со работа во катетеризационата лаболаторија и додека сеуште траеше едукацијата на остантиот персонал бев единствен самостоен интервентен кардиолог и ми беше ужасно тешко. Имаше денови кога бев и по 12 и 14 саати во сала и интензивна нега покрај пациентите. Но, тоа не беше само еден ден, зборувам за период од три години. Тешко наоѓав време за викендите, за празниците, за годишните одмори, ниту можев да правам разлика помеѓу денот и ноќта. Немав време ни за обавување на основните животни потреби, верувајте некогаш дури немав време ни да јадам. За пријателите и личните задоволства ми остануваше сосем малку време. Имаше денови кога не успевав да си ги видам и своите деца. Но, така е тоа во медицината и кариерата кога се обидувате да направите некое епохално дело кое ќе биде од корист на пошироката популација на луѓе. Но јас им благодарам и на поширокото семејството и на другарите и на пријателите и на колегите кои не само што ме разбираа и не ми се лутеа, туку секогаш наидував на морална подршка и помош од нив, ме бодреа да издржам кога ми беше најтешко. И успеавме, успеавме сите заедно. Денес се гордеам што имам комплетен тим, кој може да одговори на секој предизвик во кардиологијата, тим кој се едуцирше во најреномираните центри во Европа и Америка, и тим кој успеа да ги совлада сите современи и напредни техники и вештини во инвазивната и неизнвазивната кардиологија. Сето тоа придонесе во доволна мера сега веќе да посветам внимание и на своите приватни потреби и задоволства и да бидам доволно време со моите деца, со другарите и пријателите.
OhridNews: Кој е вашиот најомилен начин да го поминете слободното време? Колку често имате можност да патувате, да посетувате концерти, спортски настани, за прошетки во природа?
Н.Б.: Обично сакам своето слободно време да го посветам на моите деца. Се трудам да бидам што повеќе со нив, да ги шетам и забавувам. Што се однесува до патувањата, тие се најчесто врзани со професијата и се однесуваат на учество на конгреси, семинари или едукативни престои во државите во Европа и Америка. Патувам доста често така успевам да направам некој спој помеѓу професијата, односно совладувањето на знаењата во кардиологијата и задоволствата што ги нудат големите светски центри.
OhridNews: Ваше хоби?
Н.Б.: Сакам да играм кошарка и тенис со другарите, да скијам, а особено задоволство ми претставува гледањето на филмови тогаш кога ќе ми преостане време и читањето книги.
OhridNews: Зошто охриѓани да гласаат за Вас и што тие може да очекуваат од Вас како градоначалник?
Н.Б.: Сите мои принципи и постулати во менаџирањето на Заводот за кардиоваскуларни заболувања, сето мое знаење и искуство, сета своја енергија и капацитети сум спремен да ги заложам со уште пожестоко темпо и несмален интензитет во функционирањето на идната нова и европски ориентирана локална самоуправа. Имаме програма и план за развој на градот со која сакаме да го воскреснеме Охрид и да направиме добро од долгот што ние им го должиме на минатите и идните генерации.