Нашиот сограѓанин, д-р Фетах Елмази од Демократската партија на Албанците, е еден од петте кандидати кои на 24-ти март ќе ја бараат довербата од граѓаните за градоначалничката функција. Елмази како доктор, специјалист оториноларинголог, со своето искуство ветува дека ќе го реши дисбалансот во развојот на охридските населби, како меѓу нив би немало веќе драстични разлики.
OhridNews: Што е она што ве мотивира да зачекорите во политичките води и да се кандидирате за градоначалничката функија?
Ф.Е.: Пред се, она што ме мотивира е дисбалансираниот развој на градот, односно драстичните разлики меѓу наслебите. Нарочито во оние, каде што претежно живее немакедонско население, како Албанци, Турци, Египќани и други. Охрид е град на УНЕСКО и претставува слика на Македонија во очите на странците. Затоа е потребен балансиран развој на населбите. Особено изградба на патна инфаструктура, училишта, како и изградба на современа градска поликлиника.
OhridNews: На што сте особено горд од досега постигнатото на професионален план? Конкретно што се крие зад вашето лично портфолио и какво е вашето искуство во политиката?
Ф.Е.: Јас и порано сум вклучен во политичкиот живот, како долгогодишен активист и член на Демократската партија на Албанците. Како докотор, долги години работам во ушното одделение при ЈЗУ Општа болница – Охрид. Исто така, имам работен стаж од 25 години, а целта ми е да бидам градоначалник на сите граѓани на Охрид, без разлика на етничка, верска или партиска припадност.
OhridNews: Колку слободно време одвојувате во текот на денот? Кое е вашето хоби и што е она што ве исполнува надвор од работните обврски?
Ф.Е.: Моето слободно време е ограничено поради работните обврски, односно домашните обврски кон моите три деца. Заедно со нив знам да го искористам слoбодното време гледајќи фудбал, а често посетувам културни настани. Ги поддржувам двата охридски фудбалски тимови ФК Воска и ФК Охрид, а од меѓународните екипи ги следам настапите на Барселона и Интер.
OhridNews: Дали имате замислено конкретна визија во вашата програма, од која полза ќе имаат сите граѓани?
Ф.Е.: Ќе работам на изградба на средно музичко училиште, бидејќи во градот имаме талентирана младина. Во населбата Воска потребно е да се изгради современа амбуланта со сите пропатни медицински потреби, а не само барака која не ги исполнува ниту елементарните здравствени услови. Како иден градоначалник ќе се ангажирам да се изгради спортска сала во оваа населба, а на нашите граѓани кои работат во странство ќе им создадам услови за инвстиции во малата и средна економија. На тој начин ќе се вработат голем број на граѓани.
OhridNews: Дали во програмата се вметнати проекти од суштинско значење за градот и земјата. Што конкретно му е потребно на Охрид како туристичка дестинација?
Ф.Е.: Во делот на туризмот ќе овозможам подобрување на туристичката инфраструктура, со оглед на тоа што на градот му е потребна сезона во текот на целата година. Ќе се заложам за подобрување на езерското крајбрежје од извиднички до Св. Наум. За време на мојот мандат ќе ги решам проблемите во сите оние населби каде нема добра инфраструктура од типот на вода, канализација, струја и асфалт, како и колекторскиот систем кој во одредени делови не функционира. Предвидена е слободна економска зона во близината на Охрид и секако оживување на спортските клубови во градот. Нормално, изградбата на добра патна инфрастуктура е клучна за охриѓани и градот.
OhridNews: Која е вашата порака до охриѓани и кое е мотото со кое излегувате во трката за градоначалничкото место?
Ф.Е.: Моето мото до граѓаните е да гласаат за мене како личност и да ја поддржат мојата кандидатура за градоначалник на Охрид. Ќе бидам градоначалник на сите граѓани, без разлика на етничка, верска и политичка припадност.
O.T.