Охрид како најпознат туристички центар во Македонија, секогаш е атрактивна дестинација за домашни и странски гости. Последен засилен бран на туристи имавме деновиве за време на новогодишните празници кога нашиот град по есенското мртвило беше сосема солидно посетен и раздвижен. Покрај домашните гости,  забележителна беше и навалата од туристи од Црна Гора и Србија кои некако во последниве години како одново да го откриваат Охрид како место за убав одмор и прошетка. Нивното задоволство од амбиентот, природата и културно-историското наследство е евидентен, а важен дел во целокупната туристичка понуда на Охрид  покрај сместувачките капацитети и угостителски објекти се и Туристичките водичи кои имаат необично тешка и одговорна задача со своето знаење и искуство правилно да ги претстават културно историските споменици и археолошките локалитети. За состојбите во оваа фела која е значајна алка од ланецот наречен туристичка понуда, разговараме со Климент Наумов , претседател на Здружение на водичи од Охрид.  Ги пренесуваме неговите видувања за општата состојба во туризмот, за аспектите во работата на туристичките водичи, како и за идните планови врзани за работата на самото здружение.

С.К. Господине Наумов, скоро цела деценија сте директно ангажирани во туризмот како туристички водич. Кои се вашите видувања за општите туристички состојби во нашиот град?

К.Н: Од моето досегашно искуство би можел да кажам дека општата состојба во туризмот во Охрид не е на некое завидно ниво. Подолго време постои еден вид стагнација во туристичките текови. Сепак постојат некои обиди да се крене нивото на туристички доаѓања од западно-европските земји иако не најдобар начин. Мерките на  владата за субвенционирање во туризмот имаат  добра намера, односно придонесоа за енормен раст на доаѓања на туристи од Холандија  и Белгија што се движи и до 800% во споредба со деведесеттите години од минатиот век, како и во споредба со скромните почетоци од 2005 година. Сепак субвенциите не се најрационалниот начин за привлекување на странски туристи. Од една страна во последните 3 години навистина постои масовност на туристички доаѓања од земјите на Бенелукс, но од друга страна доколку навлеземе во квалитативните аспекти работите не се сјајни. Македонија сéуште се продава како евтина дестинација со што се привлекуваат туристи од пониските социјални слоеви. Субвенционирањето било воведено и од страна на Малта, која претставува фактор во светските туристички текови и набрзо се установило дека не само што со тоа се поткрепува дефицитот на оваа земја, туку се создаваат нереални претстави во туристичките текови. Така и Република Македонија би требало што побрзо да ја отфрли оваа мерка со која се излеваат пари од даночните обрзници во странство и да се пристапи кон нови мерки кои мора внимателно да бидат воведени.

С.К.  Дали туристичките водичи од Охрид се доволно обучени за да го претстават Охрид во најдобро светло? Како се справувате со нелојална конкуренција? Како се издаваат легитимациите за туристички водичи?

К.Н: Во Охрид постојат добар дел водичи кои навистина професионално го интерпретираат културното и природното наследство и достојно ја претставуваат Република Македонија во очите на странските и домашните туристи. Тие се сепак во помал број. Доколку до пред четири години се зборуваше за нелегални туристички водичи, во овој момент скоро и да не постои туристички водич без легитимација. Тоа е како резултат на ниските критериуми кои се присутни кога станува збор за полагање на стручниот испит за туристички водич, но пред сé тука можам да го спомнам несоодветното лиценцирање.  Тука не ги споменувам странските тур-лидери или пратители кои знаат понекогаш да нé прескокнат и самите да ги водат своите гости. Инспекциските служби реагираат, но не можат да стигнат насекаде. Исто така нужно е да се промени и законската регулатива и да се дадат повеќе ингеренции на инспекторите, за да можат непречено да ги санкционираат сите неправилности. Но за тоа во некоја друга прилика.

Неискусните туристички водичи претставуваат голема опасност за оваа професија. Надвор од секаква логика е туристичкиот водич да се бави со „гонење  и демнење“  гости по кејот на Охридското Езеро, или по улиците со велосипеди. Со тоа се нарушува достоинството на вистински квалитетните туристички водичи. Истите тие преставуваат нелојална конкуренција во еснафот со тоа што ги спуштаат веќе одамна договорените цени за да добијат група повеќе. Верувајте тоа не поминува неказнето од страна на гостите кои се нашле во немилост на неуките водичи. Туристите се оние кои знаат да казнат и да наградат нечија импровизација или професионалност. Треба да ги споменеме и туристичките агенции кои треба да ангажираат веќе етаблирани туристички водичи, а не да ги тераат своите вработени да станат водичи.

Во моментов секој може да работи како туристички водич доколку го положил стручниот испит. Здружението на туристички водичи и придружници на Република Македонија е единствениот правен субјект кој издава легитимации по овластување на Министерството економија. Не би можел да речам дека тоа здружение ажурно ја извршува работата за кое е овластено. Здружението на туристички водичи и придружници „Кеј“ од Охрид , каде ја извршувам функцијата претседател се залага за воведување на лиценци за работа на туристичките водичи. Тоа би значело дека кога еден кандидат за туристички водич ќе го положи стручниот испит, истиот не би можел да работи како водич. Тука постои еден нов момент, а тоа е издавањето лиценци. За да може еден кандидат да се здобие со лиценца би требало да помине практична обука и да положи практичен испит за туристички водичи, како што е случај во другите туристички високо развиени земји.

С.К. Значаен дел од вашиот професионален ангажман е врзан со Факултетот за туризам и угостителство од Охрид. Како ја гледате улогата на оваа образовна установа во формирањето на туристичката понуда?

К.Н: Веќе шест години имам свои ангажмани на Факултетот за туризам и угостителство од Охрид како соработник. Од ФТУ-Охрид произлегле многу квалитетни кадри кои работаат не само во нашата земја, туку и во многу странски држави. Многумина велат дека во денешно време повеќето факултети произведуваат неквалитетни кадри поради сé помасовниот интерес за студирање. Сепак постојат и такви студенти кои со голема желба приоѓаат на науката и студирањето и нормално е од нив да се очекува да бидат квалитетни кога ќе го завршат своето образование. ФТУ-Охрид директно влијае врз формирањето на туристичката понуда со кадрите кои ги продуцира, но и преку експертите доктори на науки од одредени области кои се директно вклучени во голем број проекти од областа на туризмот, како и при донесувањето на разни законски решенија во областа на туристичката законска регулатива.  

С.К.  Кои се најголемите предизвици врзани за работата на Здружението и какви се плановите за понатамошно работење?

К.Н: Здружението на туристички водичи и придружници „Кеј“ од Охрид е релативно млада организација која функционира од мај 2013 година. Моментално брои 37 членови кои се квалитетни туристички водичи кои покриваат повеќе јазици, како англискиот, холандскиот, германскиот, францускиот итн.  Една од целите на ЗТВП „Кеј“ е организирањето работилници и семинари, како и практични обуки за професионален развој на туристичкит водичи, со што би се зголемил квалитетот на овој еснаф. Како здружение се залагаме да промениме некои законски решенија од областа на туризмот кои директно ја засегаат нашата фела. Ги поканувам нашите колеги туристички водичи да се обратат во Здружението “Кеј” доколку се засегнати од било какви аспекти во врска со нивното делување на туристичкиот пазар, како би можеле заеднички да ги решаваме евентуалните проблеми на повисоко ниво.

Спаско Костоски

Водици 2014 во живо на OhridNews во цел свет