Градот и охриѓани заслужуваат да имаат свој човек, кој ќе претставува татко на градот. Оној кој што ќе има слух за сите потреби, барања и интереси на граѓаните на Охрид. Градот го заслужува целото внимание на централната власт, во поддршка на сите проекти и планови кои идниот градоначник ги има зацртано во својата програма.“ –  изјави во интерјвуто за OhridNews, генералниот Секретар на Социјалистичката партија на Македонија и актуелен Министер за земјоделство шумарство и водостопанство, Љупчо Димоски.

Министерот Димоски истакна дека СПМ како сериозен партнер во владеачката коалиција, ќе има свој кандидат за претставник во Советот на општина Охрид како дел од заедничката коалициона листа, а целосна поддршка ќе даде на кандидатот за градоначалник  на Охрид, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

СПМ е сериозна партија која сите свои одлуки ги носи мошне претпазливо. Ние во целост ги почитуваме сите договорени работи со нашиот најголем коалиционен партнер ВМРО-ДПМНЕ, кои што се постигнати пред 10-тина години. Логично  дека сета таа соработка, ќе продолжи на претстојните локални избори. Битно во овој момент е да одиме со позитивина енергија во градење на нешто, а не во дерогирање на градот, или државата.“ – вели Димоски.

Тој потенцира дека претстојните локални избори кои ќе се одржат на 24-ти март, ќе бидат легитимни, фер и демократски, а сите законски услови кои се потребни за нормален тек на изборниот процес, се веќе исполнети. Како што нагласи Димоски, се очекува изборите да поминат во најдобар ред, затоа што земјата и граѓаните тоа го заслужуваат.

Постои дефиниран тајминг за сите чекори кои треба да се исполнат во согласност со законот. Од поднесување на советнички листи, па до кандидати за градоначалници. Претходеше пријава на независните листи, а сите тие законски услови се исполнети. Законот е мошне дециден и никој не е исклучок од било кое законско решение. Со оглед на тоа, очекувам дека навистина ќе треба да се даде максиум во изборната кампања.“ – истакнува Димоски.

Генералниот секретар на СПМ смета дека опозицијата ќе сноси одговорност при евентуални несаканите последици, кои би се појавиле како резултат на бојкот на локалните избори.

4 години наназад добиваме позитивен извештај и препораки од Советот на Европа, за отпочнување на преговорите за полноправно членство во европското семејство. Сега се наоѓаме во една ситуација, каде најверојатно ќе добиеме негативен извештај или не така добар. Тоа е резултат на отсуство на опозицијата од политичкиот живот во Македонија. Ниту еден чесен граѓанин во земјава, не може да најде оправдување за таквата постапка. Сметам дека таа е некоректна, како кон членството на опозициските партии, така и кон народот. Решението е во рамките на законската регулативна. “ – вели Димоски.

За ОО на СПМ во Охрид, Димоски посочува дека во изминатиов период, локалниот огранок успешно ги реализирал зацртаните планови и активности , а членството од ден на ден се повеќе се зголемува.

Дел од разочараните членови на СДСМ, преминуваат во нашата паритја како сродна по идеолошка основа. Во нас гледаат визија за реализација на нивните барања. Ние сме партија отгворена за сите, која е втора во „Колицијата за подобра Македонија“. Една од првите партии во политичката историја во земјава, активна уште од крајот на 19-тиот век. Партија која е основана како наследник на Социјалистичкиот сојуз на Македонија. Ме радува тоа што се случува во Охрид, бидејќи граѓаните заслужуваат политичка опција која ќе ги застапи нивните идеолошки и секојдневни интереси.“ – истакнува Димоски, кој е генерален Секретар на Социјалистичката партија на Македонија.

За владината одлука да се даде Охридското Езеро под концесија, Димовски смета дека е исправна и ќе помогне во зголемување и зачувување како на рибниот фонд, така и на охридската пастрмка.

Одлуката на Владата е донесена врз основа на информации од јавноста и предлог од страна на нашето министерство. Претходеше долга дискусија и анализа за вкупната состојба на рибниот фонд во езерото. Се испитуваа ефектите од изминатиот  осум годишен  период, во кој беше забранет риболовот во овој воден басен. Сметавме дека доколку езерото има свој стопан, тоа ќе претставува добра можност да се сочува ендемичната охридска пастрмка.“ – вели Димовски.

Министерот е задоволен од досегашната соработка со концесионерот „Пастрмка 2012“, односно  од Хидробиолошкиот завод, кои заедно со Институтот за сточарство и рибарство ќе помогнат во зголемување на рибниот фонд.

Сега имаме нова ситуација, во која што имаме концесионер. Тој најлегално и најтранспаретно ги исплони сите услови кои беа зададени во огласот, со стриктно почитување на законските одредби. Ефектите треба да ги почувствуваме пред се во зачувување на рибниот фонд. Исто така, тоа е обврска на Министерството, Хидробиолошкиот завод и Институтот за сточарство и рибарство. Сметам дека трите институции заедно со концесионерот, ќе воспостават ред во водите на езерото.“ – потенцира Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димоски.

Во идниот период, договорени се сороботки со надлежните институции од соседна Албанија, во чиј дел од езерото непречено се изловува риба.

Има иницијатива од Министерството за една тесна соработка со надлежниот институт од соседна Албанија. Имаме договорена средба со Министерството за земјоделство, односно Министерството за екологија во чии рамки се наоѓа овој ресор. Без една координативна соработка од двете страни, не можеме да очекуваме позитивни ефекти. Ние можеме да го дадеме максиумот од  наша страна,  но потребна е соработка со нашите колеги од Албанија.“ – истакнува Димоски.

Во проектот за изградбата на супер луксузен туристички комплекс на Охридското Езеро  на Индиецот Субрата Рој, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство не е директно вклучено. Сепак, Димоски уверува дека нема да се дозволи било какво нарушување на природниот баланс на езерото.

Проектот е навистина добар. Секако дека максимално ќе се внимава на исполнување на сите оние еколошки стандарди и норми, не заради тоа што го бара УНЕСКО  и сите засегнати меѓународни институции, туку затоа што тоа претставува потреба за нас. Ние имаме законско уредување во државата и тоа не дозволува било каква импровизација во тој дел. Доколку се случи да се реализира проектот, тој би бил во интерес на граѓаните на Охрид, од кој голема полза би  имале сите.“ – потенцира Министерот Љупчо Димоски, во интервјуто за OhridNews.

O.T.