Несомнено дека Охрид претставува вистински ризница на млади талентирани музичари, кои од година во година се повеќе се наметнуваат кај пошироката јавност. Она што во изминатиов период му даде еден поинаков „шмек“ на ноќниот живот во градот, без сомнение е Petar Markoski Quartet,  со чии уникатни изведби, охриѓани имаа можност на неколку наврати да „патуваат“ и музички да се вратат низ времето.

Еден од главните виновници за создавањето на овој „Синатра“ квартет е охриѓанецот Петар Маркоски. Многумина го познаваат по бројните настапи на културните збиднувања во Охрид, соло-изведбите по фестивалите, како и настапот од пред неколку години на М2 музичкото шоу. Зад неговото портфолио се наоѓаат многу признанија, пофалници и награди, кои само можат да посведочат за талентот кој го поседува нашиот сограѓанин.

OhridNews: Кои се твоите почетоци во музичките води и од кога тлее таа љубов кон она што се нарекува музичко творење?

П.М.: Како и секое детенце паралелно со училиштето поточно со самото запишување во прво одделение така и јас си имав хоби, нешто со што ке го исполнувам мојот ден. По голема желба на моите родители и мојата баба, ме запишаа во основното музичко училиште “Методи Патчев” во Охрид да изучувам инструмент виолина. Уште во втората година на моето музичко образование учествував на мојот прв државен натпревар по соло виолина како најмал учесник во мојата категорија и успеав да го освојам третото место, што претставуваше голем успех за мене и секако голем мотив за мое понатамошно работење. Понатака во наредните години се до крајот на музичкото образование, следуваа уште четири награди на државни натпревари по соло виолина и дует, здобивајќи се со награди од две први и две втори места.

OhridNews: Дали овие позитивни мигови во основношколските денови беа поттик повеќе за понатамошно творење?

П.М.: По завршувањето на основното образование паралено заврши и моето основно музичко образование, па следуваше запишување во средно образование. Тука се одлучив на чекор да ја ставам музиката на втор план и се запишав во гимназијата “Св. Климент Охридски” . Тоа беше чекор со кој помислив дека тука престана мојата љубов – музиката. Но секако, со тек на време во гимназијата се случуваа најразлични настани од музички карактер и јас секако, барав начин повторно да се вклучам. Уште на самиот почеток оформивме група со која се пријавивме на еден конкурс кој го организираше училиштето, компониравме наша песна и текст и го добивме првото место. Нешто што морам да го напоменам, тоа беше првиот момент на мои 15 години кога конечно решив да учам пеење, затоа што изминатите години бев многу срамежлив и бев заглавен само во звуците на мојата виолина.

OhridNews: Кое беше твоето прво пријавување на еден професионален фестивал како бенд, и воопшто како изведувач?

П.М.: После првото место на училишниот натпревар, желбата за работа како бенд стана многу голема и сериозна и од тој момент започнаа нашите први настапи во живо низ различни локали во Охрид, хуманитарни забави, и секако после сето тоа следуваше првото пријавување на професионален фестивал односно ОхридФест – Охридски трубадури. Учествувавме со песната “Барам утеха” со бендот Stuck On и го освоивме второто место од публика на дебитантската вечер. Но со тек на време поради обврските кои се појавуваа, дојде период кога мораше да се стави крај на нашата работа. Наредната година, повторно зедов учество на фестивалот ОхридФест – Охридски Трубадури, каде како соло изведувач ја отпеав песната “Со тебе” . Комплетен автор беше мојот најдобар пријател Даниел Јовески, човек кој веќе редовно се докажува како најдобар во својата работа, и го одработивме мојот прв видео запис за песната “Со тебе”.

OhridNews: Пред неколку години беше дел од М2 музичкото шоу, каде остави голем впечаток не само кај стручното жири, туку и кај пошироката јавност. Дали твојот настап на М2 беше една отскочна даска и мотив повеќе да продолжиш понатака?

П.М.: Пријавувањето на М2-потрага по ѕвезда не беше планирано. Случајно разбрав дека ќе има аудиција во Охрид и се одлучив да одам, првично поради тоа што се среќавам со професионалци и сакав да видам до каде сум со моите гласовни способности, односно да знам на што да обратам внимание. Аудицијата помина прекрасно и секако, секој нареден ден во натпреварите беше големо искуство за мене. Ваквиот тип на Show на некој начин носи само слава, а останатиот и најтешкиот дел останува на нас музичарите, односно повторно се наоѓаме во ситуација каде се соочуваме со напорна работа која останува на нас. Секако треба и финансиско вложување во самите себе, кое пак од друга страна, за жал кај нас во Македонија, доколку професионално се занимаваш ќе добиеш само слава, која лично мене не ми претставува никаков приоритет.

OhridNews: Колку е тешко, еден охридски музички творец да успее не само во матичниот град, туку и во Македонија?

П.М.: За да се успее надвор од својот роден град, единствено решение е напорната работа и секако љубовта кон музиката која ке те води и нема да те остави да се предадеш лесно. Како и секоја друга работа во животот се соочуваме со падови но секој пад треба да ни претставува поука како треба да се движиме и да го пронајдеме вистинскиот пат до успехот. Ништо не е невозможно во животот, доволно е само да се има искрена желба.

OhridNews: Охриѓани те познаваат и по бројните настапи кои изминатиот период ги имаше во Охрид, било во ноќните клубови, барови, но и на многу културни настани и збиднувања во градот. Исто така, зад тебе се наоѓаат и неколку видео-записи, како за кавери така и за авторски песни. Каде точно се пронаоѓаш на музичко поле и дали размислуваш во иднина да продолжиш како соло-изведувач?

П.М.: Планот за понатака е да продолжам со градење на мојата соло кариера. Моментално работам на неколку комплетно мои песни и искрено се надевам дека во најбрзо време ке можам да ги промовирам.

OhridNews: Во моментов си препознатлив по Petar Markoski Quartet, кој со уникатниот стил веќе неколку месеци ги навраќаат охриѓани во минатото. Како испадна идеата за еден ваков голем проект, кој несомнено е составен од звучни музички имиња кои делуваат и творат во Охрид?

П.М.: Идеата за овој настан во кој е вложена голема љубов спрема музиката, ќе успее да ја идентификува и долови прекрасната мелодичност и прекрасните уметнички текстови на песните од минатите генерации, кои се одликуваат со свој идентификациски код и своја харизма. Долго време градот Охрид како најголема туристичка престолнина, остана без културна сензација. Самиот град Охрид во областа на културата надвор од туристичката сезона е појава која традиционално е сведена на минимум. Како резултат на овој недостаток се појавува мојата идеа со цел за време на новогодишните празници да се организира една посебно убава културна вечер која ке им ја посветиме на граѓаните на град Охрид и секако на сите туристи. Голем број посетители, случајно или намерно, ќе најдат задоволство да бидат присутни на еден ваков несекојдневен настан. Секоја уметничка дисциплина се матерјализира на свој специфичен начин. Сликарот се изразува преку четката и бојата, фотографот преку фотографијата, вајарот преку каменот и глината, копаничарот преку дрвото или металот, а музичарот преку тоновите на мелодијата и инструментите. Ретко која друга уметност има таква привилегија да влијае толку непосредно, сугестивно и емоционално на поголема група луѓе заедно во ист момент на исто место.

OhridNews: Покрај тоа што се занимаваш со пеење, кои инструменти преферираш да ги свириш?

П.М.: Па како што предходно напоменав мој прв инструмент прва љубов е виолината, потоа беше гитарата и сеуште сум во тек на учење пиано. Би сакал и уште многу други инструменти да свирам, но со тек на време и пред се здравје, се надевам ќе научам.

OhridNews: Кое е твое хоби и колку често пронаоѓаш слободно време настрана од секојдневните обврски?

П.М.: Хоби дефинитивно ми е играње фудбал со другари, така да секое слободно време го користиме да се организираме.

OhridNews: Што може да очекуваат охриѓани од Петар во периодот кој претстои?

П.М.: Во периодот кој ни престои дефинитивно за сите љубители на добрата музика, може да очекуваат уште многу забави кои ги организираме заедно со мојот бенд односно Petar Markoski Quartet во кој членуваат Емилија Маринова пиано, Филип Стојковски – Зизи тапани и Илија Волкан бас гитара. Се надевам и дека за брзо време ќе можам пополека да почнам да го претставувам мојот материјал кој веќе долго време го спремав, тоа ќе биде матерјал исполнет со вистински емоции, чувства и љубов.

OhridNews: Порака до охриѓани!

П.М.: За крај би сакал искрено да се заблагодарам на Вас ohridnews.com затоа што искрено и безрезервно ја давате вашата поддршка не само мене, туку и на сите оние млади на кој им е најпотребна.

О.Трајчески