Охриѓанецот Санел Ајрулоски е музички талент, во чие портфолио се наоѓаат бројни музички настапи и перформанси ширум земјава, соработка со бендови, како и креативни проекти со Центарот за културен проток „АРТерија“. Тој е автор на алтернативен електро проект насловен како Dreamfix, во чии рамки лани го издаде деби EP-то под името „Fragments“.

OhridNews: Охриѓани, но и музичката јавност во земјава, те познаваат по исклучителните вокални способности, но и по музичките перфоманси од минатиот период, кога беше дел од  голем број  бендови. Од каде таа љубов кон музиката и кои се всушност твоите почетоци во овие „води“?

С.А.: Почетоците на мојот прв бенд датираат од периoдот 2003-2005 година, во полн состав, со многубројни настапи на фестивали ширум државава како што се Рокфест во Скопје, Y-Fest во Битола итн. Овие почетоци ми беа најинспиративни и ми дадоа мотив сериозно да се посветам на создавањето музика.  Уште од најрана возраст мојата љубов кон пеењето и генерално кон музиката била преголема, благодарение на моите родители. Мислам дека токму нивната музикалност е причината за активирањето на тој тригер, кој го разбудил талентот, запишан длабоко во мојот генетски код. Отсекогаш сум експериментирал со музичките жанрови, сметам дека секоја промена е благородна и надоградувачка, таа е неизоставен дел од нашиот живот, се шири и прогресира, како и музиката.

OhridNews: Што е она кое сите овие изминати години те поттикнува да твориш и целата позитивна енергија да ја насочиш пред се кон соло-пеењето, но и воопшто кон музиката?

С.А.: Љубовта, како основен темел и двигател во нашето постоење.

OhridNews: Минатата година во месец март создаде нешто што недостасуваше на музичката сцена во земјава, односно алтернативниот електро проект насловен како Dreamfix. За што всушност се работи?

С.А.: Dreamfix e алтернативeн електро проект. Почетокот на овој проект датира од 2010 година, кога беше претставен пред јавноста најпрво како DJ-Сет и го одржа тој статус сe до 2012. После тоа, решив да се фокусирам со работа на авторски материјал во правецот на алтернативната електро музика, со елементи на synthpop. „Fragments“ е насловот на моето прво ЕП, кое беше објавено во март минатата година како самостоен албум.

OhridNews: Реакциите од оние кои се запознаени со овој проект се позитивни. Колку оваа музика е застапена низ клубовите во земјава во однос на странство, и дали воопшто добиваш поддршка од некакви институции, сопственици на локали или менаџери, преку кои може да се промовира овој електро проект?

С.А.: Фактот дека нашата публика е прилично инертна и конзервативна во тој однос, посебно кога се работи за жанрови кои не се толку актуелни и застапени во оваа држава, за нив нови и далечни, го отежнува тој процес, иако, од моите скорешни настапи, можам искрено да кажам дека реакциите беа воодушевувачки и верувам дека ќе отворат пат кон остварување на една поплодна комуникација и распространување во иднина.

OhridNews: Доста често те гледаме по уметничките перфоманси кои функционираат во рамките на Центарот за културен проток АРТерија. Какво е чувството да се биде дел од тоа друштво, чија примарна цел е промоција и поддршка на родокрајни уметници?

С.А.: Прекрасно е да си дел од еден млад тим кој со континуирани настани и креативни иновации го одржува пулсот на културата во овој град. Со „АРТерија” имав чест да соработувам неколку пати, на фестивалот „УФО” минатата година, кој се одржуваше во летната бавча во домот на културата „Григор Прличев”, каде го промовирав мојот прв деби албум „Fragments” со визуелен перформанс и како диџеј на евентот „Melting Bukowski’s Ice Cubes” во Пештани.

OhridNews: Дали плановите за во иднина ти се поврзани токму со Dreamfix, АРТерија или некои нови музички проекти и што јавноста во скоро време може да очекува од тебе?

С.А.: Да, моментално работам на нов материјал кој се надевам дека ќе биде готов наскоро, нема да откривам повеќе, можам само да им ветам на моите драги поддржувачи и мојата публика, дека ќе ги исполни нивните очекувања. Се надевам дека низ овој материјал, ќе созреам доволно за да ме презентира надвор од границите на македонската музичка сцена, можеби во сржта на електронската сцена-Берлин, каде музиката дише заедно со визуелни ефекти.

OhridNews: Порака до „оРиѓани“!

С.А.: Секој од нас сака да остави трага врз своето постоење, некој преку пишаниот збор, некој преку музиката или некое друго изразно средство. Потребен е само труд и пожртвуваност. Ништо не е невозможно! Сите ние сме сонувачи кои итаат по древната небесна поврзаност со ѕвезденото динамо во машинеријата на ноќта!

O.T.