Холидеј дијализата треба подобро да се организира за да може да се опслужат што поголем број пациенти. Истовремено таа може да биде додадена вредност на туризмот во Охрид и Струга, но за да се валоризира потенцијалот кој несомнено го имаме, потребно е да се подобрат капацитетите и да се обезбеди соодветен медицински персонал. Потребна е и поголема промоцијата на холидеј дијализата во центрите во Охридско-струшкиот регион и нејзино ставање во туристичката понуда како што тоа е пракса во светот. Во развиените туристички центри се нуди холидеј дијализа и во хотелските капацитети. Интересно е што ваков вид услуга пред повеќе децении постоел на охридско-струшката ривиера, но денес ја нема, посочува во емисијата „Интервју“ на Охридњуз, Душко Ѓеоргиев, претседател на Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“.

Пред 3-4 децениии во Струга имаше организирана дијализа за пациенти од цела Југославија. Не само во Заводот за нефрологија, туку и во хотел Дрим каде имаше инсталирано апарати за дијализа. Ако нудиме туристичка експанзија во Охридско-струшкиот регион треба да размислуваме дека и на овој дел, на пациенти кои ќе дојдат овде да им се овозможи дијализа. Ако може во светот по сите големи крузери да има апарати за дијализи и пациентите слободно да крстарат зошто ние да немаме. Зошто ние тоа да не го направиме во неколку поголеми туристички центри или хотели каде пациентите би отседнале.

Посочува на проблемите со кои се среќаваме во државава како недоволниот број апарати за прифаќање на пациенти на холидеј дијализа и немање доволно персонал.

Во здравството имаме недостаток на персонал, дијализата не е исклучок. Во самите центри има потреба од поголем број на медицински персонал кој ќе може да ги опслужи домашните пациенти и тие кои се на дијализа за да во овој летен период не се враќаат со образложение немаме доволно апарати или персонал. Во Македонија дијализата е организирана само во центрите, како и дијализа во домашни услови. Во туристички комплекси нема, тоа треба час порано да се направи за да може да се опслужат сите што сакаат да дојдат во Охрид, а ги има многу што покажуваат нашите контакти. Вмрежени сме како здружение во големи ланци на дијализни центри низ целиот свет кои имаат холидеј дијализа и сигурен сум дека би се јавил иннтерес да се организира и нивна дијализа овде во Македонија.

На Охридско-струшкото крајбрежје двата центри за дијализа недоволно ги промовираат своите можности за холидеј дијализа, а во туристичката понуда истата не постои и треба да се работи на тоа, заклучува Ѓеоргиев.

Погледнете го целиот разговор со Душко Ѓеоргиев:

Душко Ѓеоргиев: Потребна е поголема промоција на холидеј дијализата и вметнување во туристичката понуда на Охрид и Струга, но и поголем капацитет и медицински персонал

Г.М.

видео. А. Момироска