Лицата кои го преживеаа инцидентот што деновиве се случи на плажата во населбата Канео, кој се уште не е расветлен, изразуваат незадоволство од начинот на кој се води истрагата за случајот, кој, како што се наведува во писмото што тие го исратија до редакцијата на OhridNews која го обелодени немилиот настан, лесно можеше да заврши и со трагични последици. Тие бараат јавно да се објават документи дека плажата е целосно проверена и безбедна за капачите, со цел да не се повтори ваков немил настан во иднина и да се заштитат животите на луѓето. Во писмото понатаму стои:
„Ние бевме директно загрозени од инцидентот што се случи и божја волја е што денес сме живи и здрави. Влегувајќи во водата во близина на една од платформите почувствувавме силно тресење по целото тело, згрчување т.е. моментна парализа на мускулите и одземање на силата. Кај најзагрозените лица т.е. тие што беа најблиску до платформата интервенираа присутни луѓе од плажата за да ги спасат. Побаравме и здравствена помош што навремено, но несоодветно ја добивме, а за психичкиот стрес што го преживеавме уште долго време ќе ни треба за да ги санираме последиците. Дефинитивно се работеше за струен удар, но што го предизвика овој инцидент ние се’ уште не знаеме. А, како што ја пратиме истрагата очигледно дека ќе се заташка и оваа случка како и многу други во нашава држава.
Затоа апелираме точно да се лоцира одговорноста – кој и зошто го предизвика овој инцидент што можеше да однесе 5 млади животи? Прецизно и точно да се посочи виновникот и тој да сноси кривична одговорност. Ако се пумпите во прашање да се конкретизира точно чија е одговорноста за одржување на пумпите и зошто се дозволило да дојде до ваков немил настан. Доколку имало дефект во електричната инсталација на некоја од платформите во близина на плажата Канео треба точно да се знае за каков дефект станува збор и некој да понесе одговорност и соодветно да биде казнет за таквото свое постапување.
Апелираме до ЕВН Македонија во координација со СВР Охрид да извршат проверка на електричната инсталација на објектите од населбата Канео до градското пристаниште за да се лоцира евентуален дефект што се случил истовремено кога настана инцидентот на плажата што би можел да предизвикува струен удар. Да се провеери заземјувањето на околните објекти затоа што сомнежите се дека се работи за струен удар предизвикан од дефект на инсталација.
Апелираме да се спроведе целосна истрага и да се расветли случајот со посочување на виновникот и поднесување соодветна пријава против него. Немаме никаква лоша намера со нашава реакција туку единствена цел е ова никогаш повеќе да не се повтори. Доволно е да се потсетиме на минатогодишниот трагичен инцидент во Струга и да сфатиме што можеше да се случи со нас и што може да се случи утре, задутре со недолжни граѓани.“-стои во писмото, што до редакцијата на OhridNews го испратија лицата кои се пожалија на сериозни здравствени проблеми капејќи се на плажата во населбата Канео.