Општина Охрид влегува во нова фаза на реализација на проектот за енергетска ефикасност во основните училишта „Христо Узунов“ и „Братство Единство“ во Лескајца по усвојувањето на новата одлука на одржаната последна седница на Совет со цел надминување на административните и технички пречки.
Во барањето за задолжување направени се прилагодувања кои се однесуваат на мерките за енергетска ефикасност кај вкупно два објекта, за разлика од претходно предвидените три во кое беше вклучено и ОУ „Свети Климент Охридски“. Измени се направени и во однос на периодот за реализација на проектот, па наместо предходниот рок 1 септември 2031, е внесен 30 септември 2027 година. Во oдлуката извршена е и техничка исправка, па рокот на отплата наместо претходните 7, сега изнесува 5 години.

Со новата одлука се врши издвојување на ОУ „Свети Климент Охридски“ кое понатаму ќе биде вклучено и ќе се аплицира во новоотворен фонд за енергетска ефикасност кој е во склоп на Развојна банка на Република Македонија со поповолни услови од овие сега што ги имаме за двете други основно училишта, односно од 12 години рок на отплата и 3 години грејс период без сопствено учество. И таму е планирана целосна енергетска ефикасност на училиштето. Меѓутоа не добива надворешна фасада затоа што е во заштитено јадро, внатрешно ќе се врши изолирање на ѕидовите, кровот и нов систем за греење, појасни Станкоски.
Воедно потенцираше дека со новата одлука општина Охрид нема да има сопствено учество и за ОУ „Братство Единство“ и за ОУ „Христов Узунов“.
Значи со претходната одлука издвојувавме 20% од севкупната сума на финансиски средства кои што беа потребни за реализација на проектот. Во овој момент нема да одвоиме воопшто наши финансиски средства туку вкупната инвестиција на двете училишта е од 42.089.697 денари од кои 11.993.322 опфаќа ОУ „Христов Узунов“, 30.086.375 денари реконструкцијата на ОУ „Братство Единство“ во Лескајца. 80% од овие финансиски средства се заемски средства односно земаме кредит од 33.663.758 и 20% од овие финансиски средства се грант, за разлика од претходно каде имавме и сопствено учество, додаде Станкоски.
Со проектот во ОУ „Христо Узунов“ опфатени се нова термичка фасада, фарбање на внатрешните ѕидови со масна боја во висина од 1,20 метри, термичка изолација на кровот, поставување ново греење во тоалетите и во фискултурната сала, како и поставување на динамички термостатски вентили и ново LED осветлување во целото училиште, внатре и надвор.

Н.С.Ј.











