Инвеститорот кој ќе пројави интерес да направи современ хотелски комплекс од хотелот Палас ќе може да изврши санациони зафати врз објектот, но не и доградба или надградба. Како што информира Тања Паскали Бунташеска, директорката на НУ Завод и музеј, под чија заштита е објектот,  целта е да се заштити намената на објектот кој со децении важеше за еден од најубавите хотели на охридската ривиера.

Тоа што го заштитивме објектот не значи дека од Палас ќе правиме музеј.  Ќе одобриме секакви санациони мерки, значи надворешно, полирање на мермерната фасада, промена на столарија , внатрешно секакви промени кои инвеститорот смета дека треба да ги направи за објектот да стане современ хотел. Исто така дозволуваме и партерно уредување на просторот пред хотелот, дури и изградба на базен и сите потребни содржини, вели Паскали Бунташеска.

Инвеститорот согласно насоките од Завод и музеј ќе треба да изврши и промена на фасадата на доградениот ресторан во рамки на комплексот, која ќе биде во согласност со фасадата на останатите објекти.

Хотелот Палас кој години наназад стои запуштен, е меѓу локациите кои од страна на локалната самоуправа им се нудат на потенцијалните инвеститори, а се содржани  во неодамна промовираната брошура  „Инвестирајте во Охрид“.

Од локалната самоуправа потенцираа дека намерата е на оваа локација да и се врати некогашниот сјај со изградба на современ туристички комплекс. За таа цел, во текот на изминатите неколку месеци вршени се интензивни преговори со претставници на акционерското друштво кое е сопственик на објектот, со кои заедно биле разгледувани плановите за понатамошната судбина на Палас.

Т.К.