Активностите за реализација на инвестицијата на индискиот милијардер, Субрата Рој во Македонија се одвиваат според утврдената динамика и последните случувања околу обврските што ги имала компанијата „Сахара Паривар“ во Индија не ја попречуваат, изјави за МИА директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Виктор Мизо. 

Рој ги исплатил обврските кон Индиското регулаторно тело – СЕБИ и како што соопштила компанијата сите домашни и меѓународни проекти продолжуваат без какви било последици. Македонските владини инстититуции се во постојан контакт со претставници на компанијата и со него лично, се наведува во текстот на МИА.


– Во изминативе десетина дена бевме во постојан контакт со највисоките претставници на Сахара. Од таму ни беше потврдено дека нивниот интерес и активности поврзани со проектите во Македонија на никој начин не се афектирани и работата продолжува непречено. Оваа нивна определба за сите домашни и меѓународни проекти е истакната и во официјалното соопштение објавено од страна на Сахара, изјавил Мизо кој рекол дека неделава и лично имал телефонски разговор со Рој .

Мизо додал дека присуството на претставници на компанијата во Македонија се одвива според претходно договорениот план и динамика и оти нивната работа е пред се насочена кон анализата на сите потенцијални проекти од различни сфери на интерес и средби со претсавниците на релевантните државни институции.

Како што се наведува во текстот, а според објавеното во индиските медиуми, обврските на компаниите Sahara India Real Estate Corporation Limited и Sahara Housing Investment Corporation Limited , се веќе исплатени.

Од индиската компанија навеле дека без каква било вина на компанијата таа непотребно се соочува со директни и индиректни штети по угледот и во материјална смисла и дека сите случувања произлегуваат поради одмазда која може да влијае и врз еден милион работници на Сахара Индија Паривар. 

Минатата недела беше објавено дека Индиското регулаторно тело СЕБИ, на барање на Врховниот суд на Индија, ги замрзна сметките на компаниите на милијардерот Субрата Рој.

Индискиот милионер најави големи инвестиции во Македонија, во чии рамки е предвидена и изградба на луксузниот туристички комплекс во Љубаништа.

OhridNews