Секој странец што во Македонија ќе инвестира 400.000 евра во капацитет (освен во угостителство и трговија) и во него ќе вработи најмалку 10 лица веднаш ќе може да добие македонско државјанство и пасош.

Ова, како што пренесува „Макфакс“ е предвидено со една од двете мерки што Владата ги усвои со цел реално олеснување на процедурите и стимулација на странските државјани при одлуката за инвестиции на средства во Македонија.

Со другата мерка, пак се предвидува измена на Законот за странци, во насока на овозможување на странските државјани кои се жители на земјите на ЕУ и ОЕЦД, а имаат купено недвижност (куќа или стан) во Македонија во вредност над 40.000 евра, да добијат поголем временски интервал за престој во Македонија.

Со претходно усвоени закони на странските државјани им се дозволи да купуваат недвижности во Македонија, но оваа појава не е доволно развиена и заживеана. Бугарија пред влезот во ЕУ имаше голем раст во оваа дејност, а сега Турција, Хрватска, Црна Гора.

„Анализите покажаа дека сериозен ограничувачки фактор е законски дозволениот интервал за престој за странските државјани“, изјави Александар Ѓорѓиев, портпарол на Владата.

Досега законот налагаше странски државјанин кој ќе купи куќа или стан во Македонија да не може постојано да престојува во Македонија, туку можеше да добие најмногу туристички престој во траење од најмногу 3 месеци, период по кој тој требаше да ја напушти државата, и потоа доколку сака повторно да се врати во Македонија да поминат уште три месеци, за да може повторно да престојува во нашата земја уште најмногу три месеци.

„Ова се појави како проблем, односно пречка странските државјани да се анимираат и носат одлуки да купуваат недвижност во нашата земја, односно тие се помалку заинтересирани да купат недвижност во која може да престојуваат најмногу шест месеци во текот на една година, и тоа на три месеци да треба да излегуваат и влегуваат во Македонија“, рече Ѓорѓиев.

„Со оваа можност ќе се зголеми атрактивноста за купување на имот во Македонија од страна на странски државјани. Граѓаните на скандинавските земји покажуваат интерес за инвестиции во оваа сфера, чии резиденти практикуваат зимскиот период во нивните земји да го искористат и подолг период да живеат во јужна Европа во нивни претходно купени имоти“, рече владиниот портпарол.

„Ние сме заинтересирани што поголем број странци да купат имот во Македонија, затоа што на тој начин прво, нашите граѓани ќе добијат приходи од продажбата на имот кој им е за продажба, ќе се зголеми цената на становите за странци, а со нивниот престој, имајќи ја предвид нивната куповна моќ, ќе имаат корист и други сектори, угостителство, трговија, туризам итн“, изјави Ѓорѓиев.

Преку ДКП-ата и промоторите, Владата ќе ја промовира оваа поволност во странски фокус земји и до пазарите на недвижности во западна и северна Европа, Русија, затоа што, како што велат од владата, претходните анализи покажаа дека има интерес за купување на куќа или стан, и тоа особено во туристичките места, Охрид, Преспа, Маврово, Крушево и слично.

OhridNews
извор:„Макфакс“