По повод Христовото раѓање, нашите иселеници, членови на охридското социјално друштво „Св. Наум Охридски“ со седиште во Мелбурн- Австралија, денес, организираа божиќен ручек за згрижените лица во Одделението за геријатрија при Општа болница Охрид.
Како што истакна Лазар Стојчески, вработен во одделението кој посредуваше при реализацијата на донацијата, целта е на овој голем празник и овие лица кои своите денови ги минуваат во Геријатриското одделение да поминат неколку убави часови во празнична атмосфера.
– Нашите иселеници членови на здружението во Мелбурн претходно во неколку наврати веќе донираа ортопедски помагала за одделението, душеци, чаршафи, машина за перење алишта, собраа средства за реновирање на дел од собите каде беше поставен ламинат. Сакаа и денес на Божиќ да придонесат старите лица кои се овде да ја почуствуваат празничната атмосфера и колку што може да се придонесе да им го подобриме расположението, вели Стојчески.
Телефонски од Мелбурн додека траеше божиќниот ручек се јави и претседателот на здружението, Васко Ангелески кој на присутните им посака добро здравје и уште многу години да се слави празникот.
– Би сакал да изразам благодарност кон сите кои придонесоа да се реализира ова Божиќно дружење, секако и до персоналот на геријатриското одделение. Благодарност и до донаторите: Дончо Каневче, Васко Ангеловски, Игор Ѓеоргиевски, Валентина Стаменкова, Даниел Симоновски, Ристо Митревски, Шаип Вахид, Јоне Јоноски, Фазли Луик, Кире Корлевски, Лупчо Кузмановски, Делче Георгиевски, Никола Пецев, Данче Гикова, Крсте Наумоски, Науме Наумоски, Живко Димовски, Недан Спироски, Илија Менкиноски, Сашо Николовски, Круме Милевски, и Гилда Зенели. И во иднина до вас ќе испраќаме помош се додека ви е потребна. – рече во телефонското обраќање претседателот на здружението „Св. Наум Охридски“ од Мелбурн, Васко Ангелоски.
За убавото расположение придонесоа и членовите на ансамблот „Билјана Јуниор“ кои ги пееја познатите староградски рефрени и кои ги посетија и оние згрижени лица кои не беа во можност да ги напуштат своите соби.
Од здружението „Св. Наум Охридски“ најавуваат донации и во наредниот период, меѓу кои ќе биде и реновирањето и изградбата на уште 50 соби и апартмани за потребите на охридското одделение, инвестиција која би се реализирала со заеднички средства на членовите на сите македонски здруженија во Мелбурн, Австралија.
OhridNews



















