Поради управување под дејство на алкохол, викендов во Охрид, десет возачи на патнички моторни возила се исклучени од сообраќај, а при тоа им се одземени возачките документи и издадени им се налози за плаќање на глоба , информираат од СВР- Охрид.
– Возачите од Охрид, Струга и Скопје се затекнати при ноќна акциска контрола што на 13-ти овој месец ја реализираше охридската полициска станица за безбедност во патниот сообраќај, велат од СВР Охрид.
Во акциската контрола реализирана во содејство со криминалистичката полиција, во која контролирани биле вкупно 145 патнички и други моторни возила, пронајдено е и одземено едно огнено оружје пиштол марка „Црвена застава“, кое лице од Струга нелегално го поседувало.
Викендов се извршила контрола и во угостителските објекти и ноќни клубови, при што бил пронајден сторител на казнено дело загрозување на сигурноста.
– Викендов СВР Охрид евидентира неколку кражби на мобилни телефони, фотоапарати, паричници и други предмети оставени необезбедени по плажите на охридското крајбрежје. Со цел намалување на бројот на ваквите случаи, по крајбрежјето превентивно беа поставени повеќе полициски инспектори, информираат од СВР- Охрид.
Во содејство со секторот за туризам и угостителство во Охрид извршени се и контроли кај нелегални станоиздавачи во градот.
Засилените активности на СВР Охрид имаат за цел зголемување на степенот на безбедноста на целото подрачје и елиминирање на можностите за нарушувања на јавниот ред и мир, вршење кражби, откривање лица со непријавен престој и теренски увид на сообраќајот на повеќе сообракајници низ градот. Активностите се спровеле самостојно, но и во соработка со државниот пазарен инспекторат, оделенијата за инспекциски надзор, подрачните единици на Министерството за животна средина и општинските центри за социјални работи.
Овие законски мерки, покрај во Охрид, координирано се реализираа и во Струга, Кичево и Дебар.
Од СВР- Охрид потенцираат дека заради целосна безбедност на граѓаните и туристите, засилените контроли продолжуваат.












