Поголема група средношколци попладнево околу 14 и 15 часот, по завршувањето на протестот што се одржa денеска во Гостивар по повод убиството на двете момчиња ги искршија прозорците на Основниот суд во Гостивар и излозите на други десетина објекти, информираат од СВР Тетово.

Повикувајќи се на истиот извор, „Макфакс“ пренесува дека официјалниот дел на протестот минал мирно без инциденти, но потоа група од 1.000 до 1.200 лица се издвоила и со камења, топки снег и мраз скршиле неколку прозорци од зградата на Судот.

Потоа продолжиле да се движат на булеварите „Браќа Ѓиноски“ и „Гоце Делчев“ каде биле искршени прозорци и излози на десетина објекти, продавници, угостителски објекти.

Групата била разбиена и се работи на идентификување на лицата кои ги направиле нередите.

Протест за убиството беше организиран и во Скопје од страна на граѓанското движење „Стоп за полициската бруталност“, којшто мина мирно и без инциденти.

Во вторникот полицаец застрела две момчиња од албанска националност. Според неговиот исказ, четири лица го нападнале додека го паркирал своето приватно возило. Започнала кавга за паркинг местото, а потоа полицаецот испукал два куршуми во воздух, за потоа да пука кон двете момчиња кои смртно ги ранил.

OhridNews
извор: „макфакс“