
– Доста охриѓани велат дека езерото само си се чисти. Да, се чисти од оној материјал кој е пловен и може да излезе над вода, но за жал под вода има многу лоши работи. Лесно на мала длабочина можете да најдете градежен материјал, нафтени печки, пластични столици и ред други работи. Од цело искуство што го имам не само тука ,туку и од целиот свет, мислам дека е краен момент Охридското Езеро да почне не само да се чисти, туку и да се влијае на свеста на граѓаните да почнеме дефинитивно да го чуваме.– вели во разговор за OhridNews, Милутин Секулоски – меѓународен инструктор по нуркање.
Според него вината за ваквата состојба охриѓани не треба да ја бараат кај туристите, туку кај себе. Секулоски потсетува дека до сега се реалзирани неколку акции на нуркачите за чистење на езерското дно, но тоа, како што вели, не може да го реши проблемот со загадувањето.
-Нуркачите без оглед колку и да се не можат да го решат проблемот и да го чистат Охридското Езеро, туку треба со долгорочни акции да се влијае на лошите навики на граѓаните отпадот да го фрлаат во езерото, бидејќи состојбата е загрижувачка, рече Секулоски. Тој предлага да се воспостави еден вид еко патрола која ќе ги лоцира подводните депонии, а понатаму властите да реагираат и да се преземат мерки за чистење на отпадот од езерото.

Секулоски смета дека е крајно време охриѓани да се организираат и да го заштитат Охридското Езеро, но тоа според него мора да се направи на соодветен начин.












