Вчеравечер најмладите охриѓанчиња, но и сите дечиња кои летниот одмор го поминуваат во Охрид имаа можност да уживаат во прекрасната изведба на театарската претстава „Во домот на волшебникот” преку која беше упатена јасна порака: „Со насилство НЕ, со дружба може СЀ“.
Актерската екипа составена од Магдалена Ризова-Черних која ја играше улогата на помошничка, Сашо Ристовски како волшебникот и младата актерка Тамара Ангелеска во улогата на девојчето, преку интеракција со публиката на еден мошне непосреден начин ја едуцираа младата популација за тоа како треба правилно да се однесуваат, што е убаво, а што не.
Пораката беше упатена низ низа драмски ситуации во кои главната нитка беше мудроста на волшебникот, наспроти денешното однесување на децата.
А насмевките и детскиот џагор, но и желбата да се каже нешто плус од малите умни главички дополнително го збогатуваа и така преубавиот амбиент на сцената кај ТЦ Амам.
Претставата „Во домот на волшебникот” беше изведена со поддршка од Општина Охрид во рамките на Програмата за култура наменета за најмладите.
Во рамки на истата на 28 јули со почеток од 20 часот на бината во Охридската чаршија најмладите ќе имаат можност да уживаат во најновото издание на Детскиот музички фестивал „Весели ѕвончиња by Jana“.
Н.С.Ј.