Развиорени знамиња, автомобили со вклучени сирени, еуфорични симпатизери, огномети…. Ваква беше сликата во пост изборен Охрид изминатите два дена.

Во неделата вечерта на градскиот плоштад славеа симпатизерите на СДСМ, кои веруваа дека опозицијата однела победа на предвремените избори. Славјето продолжи во околните угостителски објекти.

Синоќа, пак, друга слика. На плоштадот се вееја знамињата на симпатизерите на ВМРО ДПМНЕ.Веднаш по прес конференцијата на ДИК на која беше обзнането дека ВМРО ДПМНЕ е победник на предвремените избори започна прославата на владејачката партија во Охрид. Се славеше пред општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ и на плоштадот, а славјето заврши со огномет.

Различни се и импресиите на политичарите од двата табора во Охрид. Дел од нив ставовите ги споделија на социјалните мрежи:

Томислав Тунтев пратеник (СДСМ):

„Само колку за потсетување: тие што до пред две и пол години победуваа со разлика од 200 илјади гласови на наместени, криминални и фалсификувани избори, со поткуп на гласачи, и со притисоци, закани и уцени, на овие избори победија со 16 илјади гласови разлика, повторно со купување на гласови и со други коруптивни и криминални активности… тие што 11 години се на власт, и што бараа и очекуваа 63 пратеници, добија 51… тие што ги прислушкуваа, крадеа, манипулираа, лажеа, осиромашуваа, разделуваа, малтретираа, казнуваа и иселуваа сопствените граѓани, на овие избори доживеаја дебакл во однос на изборните резултати од 2013 и 2014 год… првиот и најзначајниот чекор кон неминовната нормализација и демократизација на Македонија е направен… наскоро, следат и другите…“ 

Никола Бакрачески – градоначалник на Охрид (ВМРО ДПМНЕ): 

„Благодарност до сите граѓани на Охрид за спроведениот цивилизиран, коректен и демократски изборен процес.
ВМРО-ДПМНЕ извојува уште една голема победа во Охрид и во континуитет ја одржа довербата кај граѓаните презентирајќи искрен и чесен пристап кон нив. Благодарност до сите кои ни го дадоа својот глас, и уверување за сите оние кои гласале поинаку дека во периодот кој следи со напорна и посветена работа ќе се обидеме да ја освоиме и нивната доверба. Заедно со Вас, за Охрид кој оди напред!!!“

Г.М.