„Македонскиот јазик, литература и култура во контекст на другите јазици, литератури и култури“ ќе биде темата на 41. Меѓународна научна конференција за македонски јазик, која ќе се одржува во Охрид од 14 до 15 јуни 2014 година. Овој научен собир се организира во рамки на 47. Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура, кој годинава ќе има активности од 14 до 29 јуни.
На конференцијата, во Конгресниот центар на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј”, свое учество ќе земат бројни странски и домашни македонисти, слависти и балканисти, кои ќе ги соопштат своите истражувања од областа на македонистиката.
Според најавите, на Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, годинава ќе учествуваат над 60 учесници од САД, Канада, Финска, Белгија, Франција, Словенија, Србија, Хрватска, Бугарија, Турција, Унгарија, Албанија, Русија, Чешка, Полска, Словачка, Украина, Азербејџан, Кина и Јужна Кореа.
Наставата ќе се одвива со секојдневни активности на учесниците, насочени кон изучувањето на македонскиот јазик преку лекторски курсеви, поделени според степенот на познавање на јазикот.
-Оваа година се одбележува и 70-годишнината од официјализирањето на македонскиот јазик како службен јазик на Република Македонија. За таа цел, предвидени се секојдневни тематски предавања, од кои четири предавања се посветени на развојот на мекедонскиот јазик преку старословенскиот па се до современата состојба на македонскиот стандарден јазик. Четири предавања се посветени на развојот на македонската книжевност, а по едно предавање е посветено на македонскиот театар и на македонската историја, вели проф. д-р Славица Велева, директор на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.
Таа најави дека дел од семинарот ќе биде посветен и на одбележувањето на 65-годишнината на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.
-Планирано е и одржување на Отворен ден на Универзитетот, во кој покрај презентацијата на неговата меѓународна дејност, можностите за користење на програмите за мобилност и можностите за продолжување на студиите на втор и трет циклус студии, се предвидува и презентација на единиците на Универзитетот, кои се занимаваат со дејност поврзана со македонистиката. На тој начин учесниците ќе имаат можност директно да се запознаат со наставните програми, актуелните проекти на единиците и со нивната најнова издавачка продукција, појаснува Велева.
Во вечерните часови во рамки на семинарот, предвиден е термин за презентации, промоции и интерактивни настани со кои ќе се збогати научната и културната понуда за учесниците. Во рамките на овие термини ќе се промовираат најнови научни и книжевни изданија, ќе се овозможат средби со познати македонски автори, а ќе има и проекција на документарни филмови од областа на културата и етнологијата.
Е.М