Истекува рокот за доставување на извештајот до УНЕСКО, кој според одлуката на одржаната сесија на Комитетот за светско наследство во Париз минатата година, е 1-ви февруари годинава. Охрид и државата по трет пат добија уште една година да спроведат низа препораки и задолженија за задржувње на статусот. Научната фела смета дека е потребна поголема заштита на природното и културно наследство во Охридскиот регион и почитување на препораките од УНЕСКО.

Препораките од УНЕСКО се многу прецизно дадени. Значи, тие треба само да се почитуваат и да се применат, односно да не се дозволи да се претера повторно. Урбанизацијата да се контролира, заштита на Охридското Езеро во секоја смисла на зборот и на културно-историското наследство. Морам да признаам дека многу боли дека светот не препознал како бренд УНЕСКО, а ние сами сме најголеми непријатели на тој бренд. Ние охриѓани, граѓаните, заедницата, хотелиерите, бизнис заедницата, сите треба да го сочуваме градот за идните генерации, вели Кепеска.
Кога зборуваме за културното наследство, навистина имаме голем предизвик, вели проф. д-р Рубин Земон, посочувајќи дека дигитализацијата може да биде од голема помош да се искористат сите искуства ширум светот во врска со неговата заштита.
Охрид гледаме во овие последните дваесет, триесет години дека на некој начин се маргинализира од тоа место што го заслужува, град под заштита на УНЕСКО. Ние имаме проблеми со егзистенцијата на градот, со загрозување на културното наследство, со идентитетот, со промоцијата. Ние наместо да го искористиме фактот што во Охрид бил првиот Универзитет во Европа и да го направиме тоа да биде наша гордост, ние сето тоа го ставивме во некои рамки, што е навистина во тајност, вели Земон.
Со дипломатската офанзива која ја имавме минатата година, формиран е и кризен штаб преку Влада кој работи на препораките, доста работи се направени, а многу е важна во целиот овој процес и комуникацијата помеѓу македонската и албанската страна, вели министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Ние можеме да завршиме голем дел од нашите препораки кои ги имаме како Министерство за култура, но доколку од другата страна тоа не е завршено, пак има критика од страна на Комисијата за УНЕСКО. Се надевам дека врз основа на тоа што го имаме направено до сега и тоа што ќе го направиме останатите денови ќе имаме позитивна оценка, истакна Љутков.
Инаку, во нацрт-одлуката за статусот на Охридскиот регион беа посочени забелешките наведени во реактивната мониторинг мисија во која се потврдени наодите од претходните мисии, со заклучок дека кумулативните и тековните влијанија, вклучувајќи го тука урбаниот развој, недостатоците во просторното планирање, несоодветните интервенции, еутрофикација на езерото, големите инфраструктурни и други проекти, предизвикале сериозно нарушување на клучните атрибути на заштитеното подрачје.

Н.С.Ј.














