Оваа новина вчера ја најави директорот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) Роберт Орданоски, презентирајќи ги тековните активности на регулаторното тело за остварување на таа цел. Со новите големопродажни цени за терминација на повици во мобилната телефонија, кои се во сила веќе една недела разликата меѓу ВИП и ОНЕ во делот на терминација на цени е анулирана, имаат еднаква цена од четири денари и се асиметрични со цената на операторот Т – Мобиле кој има дефинирана цена на три денари.
– Интенцијата е до 1 септември следната година цените за терминација во мобилната телефонија да станат симетрични, односно сите три оператори да имаат еднаква цена од 1,2 денари. На тој начин ќе имаме еднаква цена на повик во мрежа и вон мрежа. Кога ќе бирате корисник од вашата мрежа кон сопствена мрежа и кога ќе бирате кон мрежа на друг оператор цената треба да биде еднаква. На 1 септември 2014 година пак цените за терминација на повик во мобилните мрежи ќе паднат од 1,2 денари на 0,9 денари, најави Орданоски.
Тој информираше дека Европската комисија треба до септември да даде дефинитивен одговор на регионалната иницијатива за изедначување на цената за роаминг тарифите на земјите што не се членки на ЕУ со тие што се членки, а што ја покрена АЕК.
– Цените се четирипати повисоки во однос на граѓаните на ЕУ. Нашата иницијатива која беше примена во февруари во Виена оваа година, а беше дискутирана пред три недели на состанокот на Бордот на регулатори на Европското тело на регулатори на електронските комуникации (БЕРЕЦ) во Дубровник. Наредниот месец имаме нов состанок и целта е до септември да биде усвоена нашата иницијатива за што добивме позитивни коментари, рече Орданоски.
Покрај Македонија во иницијативното тело се и другите осум држави кои не се членки на ЕУ, Турција, Хрватска, Србија, Црна Гора, Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија.