Татабања падна и во реваншот, титулата останува на брегот на Охридското Езеро.
Охрид испиша нова златна страница во македонскиот и европскиот спорт. ГРК Охрид за прв пат во својата историја го освои ЕХФ Европскиот куп, откако вечерва во преполната сала „Билјанини извори“ го совлада унгарскиот МОЛ Татабања со 31:25 во реванш финалниот натпревар. По победата од 29:28 на првиот меч во Унгарија, охриѓани до трофејот стигнаа со вкупни 60:53.
Пред повеќе од три илјади гледачи, во атмосфера каква што Охрид одамна не памети, избраниците на Борис Ројевиќ одиграа натпревар за паметење. Од самиот почеток домашниот состав го наметна својот ритам, а со цврста одбрана и инспирирана игра во нападот постепено ја градеше предноста која на крајот се претвори во убедлива победа и историска титула.
Ова е најголемиот успех во клупската историја на ГРК Охрид и прва европска титула за охридски колектив. Воедно, Македонија втора година по ред има освојувач на ЕХФ Европскиот куп, откако минатата сезона трофејот го освои и Алкалоид.
Патот до европскиот врв беше исполнет со драматични и големи победи. Охрид ги елиминираше Баку, Слога Добој, Дукла Прага, Олимпијакос и словенечки Целје, пред во финалето да биде подобар и од унгарскиот претставник Татабања.
Градот уште од утринските часови живееше за овој натпревар. Навивачката група „Рибари“ создаде спектакуларна атмосфера, а Охрид доби вечер за паметење, вечер во која соништата станаа реалност, а европскиот пехар пристигна на брегот на Охридското Езеро.
Со оваа победа, ГРК Охрид не само што го освои првиот европски трофеј, туку и трајно се впиша меѓу најголемите спортски приказни во историјата на градот.
Еуфоријата во градот продолжува и по историскиот триумф. Од ГРК Охрид најавија дека официјалната прослава на освоениот трофеј ќе се одржи утре, кога ракометарите, стручниот штаб и навивачите заеднички ќе го одбележат најголемиот успех во клупската историја. Деталите за прославата се објавени на официјалните канали на клубот, а се очекува илјадници охриѓани да излезат на улиците и да ги поздрават новите европски шампиони.
Г.М
Фото: Анамарија Момироска






























