Ракометарите на Охрид го совладаа Целје во реваншот 29:27 по изведувањето пенали и се пласираа во финалето на ЕХФ Европскио, куп, што е историски успех на охридскиот спорт.
Реванш натпреварот од полуфиналето во исполнетата сала „Билјанини извори“ донесе атомски ракомет и вистинска драма. По голема борба мечот во регуларниот дел заврши 25:24 за Охрид по што одлуката падна по изведувањето пенали, бидејќи во првиот меч Целје славеше 27:26.
Колку израмнет беше натпреварот говори фактот што ниту една од екипите немаше предност поголема од +2. Целје на самиот почеток на мечот, а Охрид на 7 секунди до крајот. Салата во тие моменти буквално експлодира, но гостите израмнија со звукот на сирената по што се пристапи кон изведување пенали.\
Целје промаши два пенали (Пилиповиќ одбрани еден), а Охрид еден, за конечни 29:27, по што започна големо славје во салата „Билјанини извори“.
Јунак на ГРК Охрид беше Кристијан Пилиповиќ кој натпреварот го заврши со 11 одбрани.
Овие момци покажаа карактер, сила и храброст. Ова е фантастична група луѓе која заслужи да игра во финале. Вакви емоции не сум доживеал никаде како во Македонија. Неверојатно е како публиката во Охрид ја носи екипата, а овие момци дека имаат ма..ња. Во финале не чека Татабања, тоа ќе биде меч 50:50, изјави за Охридњуз Кристијан Пилиповиќ.
Нападот на Охрид го предводеше јапонскиот интернационалец Косуке Јасухира со 9 голови од 11 обиди, Стрмљан стрелаше 7 од 7.
Статистика ГРК Охрид: Пилиповиќ (11 одбрани), Јасухира 9, Стрмљан 7, Лиапис 4, Ојлески 2. Ѓукиќ 2, Јагуриноски 1, Тасески 1, Савревски 1, Ќосевски 1, Прибетиќ 1, Иванковиќ, Кукуловски, Ристески, Реј Моралес.
Натпреварот се одигра во одлична атмосфера, но изостана поддршката на Охрид од „Рибари“ кои беа присутни во салата „Билјанини извори“, но не навиваа. Но, поддршката стигна од целата сала, а Целје зад себе имаше седумдесеттина навивачи.
Финалето во ЕХФ Европскиот куп се игра во два натпревари, викендот на 23 и 24 мај и 30 и 31 мај, а ждрепката кој ќе биде домаќин во првиот меч, а кој во вториот ќе се одржи во вторник.
Фото галерија:
Г.М.
Фото: А. Момироска























































