Основното јавно обвинителство Струга донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица, од кои едното е осомничено за кривични дела – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид), како и Насилство од член 386 став 1 во врска со став 3 од Кривичниот законик, додека вториот осомничен му помогнал да го изврши обидот за убиство.

На 2 август, поради претходно нарушени меѓусебни односи, првиот осомничен се обидел да лиши од живот едно лице. Вториот осомничен најпрво со својот автомобил БМВ Х6 го попречил патот на Фолксваген голф 7 во кој се превезувал оштетениот и уште едно лице. Двајцата осомничени излегле и се упатиле кон оштетените и ги нападнале физички, најпрво удирајќи ги со боксови. Во еден момент првиот осомничен извадил нож и му нанел повеќе убодни рани на оштетениот во стомакот, надлактицата и вратот, со што му предизвикал тешки телесни повреди. За тоа време вториот осомничен извикувал и го поттикнувал да го доврши делото, соопшти Јавното обвинителство.

Сведокот-оштетен се обидел да ги оттргне и да ги спречи, па првиот осомничен и врз него извршил насилство, расекувајќи го со ножот на раката и предизвикувајќи чувство на загрозеност и страв во јавноста, велат од обвинителството.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Струга достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.

Г.М.