Во светот зачестени се истражувањата од областа на нутрицизмот. Оваа наука за здрава храна е се повеќе актуелна и во нашата земја. Последното истражување на еден студент од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид,  покажува дека охридските средношколци на возраст од 15 до 16 години, се хранат добро и со разновидна храна, но голем е процентот на млади кои конзумираат алкохол и цигари.

Тони Павловски, студент при ФТУ во нашиот град, во соработка со професор д-р Ангела Василевска, направи истражување за тоа колку средношколците се запознаени со здравиот начин на исхрана. „Нашето здравје најмногу зависи од тоа каква храна конзумираме. Истражувањето беше со цел, да увидиме колку охридските средношколци се запознаени со хранливите материи застапени во оброците, како витамини, јагленохидрати, белковини и протени“ – вели Павловски.

Од добиените резултати на исцрпното истражување, се покажува дека оваа категорија на млади луѓе имаат оскудни познавања за нутриционизмот. „Истражувавме во три средни училишта, меѓу кои Средното економско, Гимназијата и Електро техничкото училиште. Дури 63 отсто од испитаниците, не знаат што претставува оваа наука.“ – истакнува Павловски.

Истражувањето покажува дека најмногу се конзумираат млекото, месото, овошјето и зеленчукот, а граѓаните од земјава се познати по обилното конзумирање на леб. „Само 1 отсто од средношколците не го конзумираат лебот. Рибата која е богата со омега три и е здрава за срцето, ја конзумираат 54 отсто од средношколците. Дури 77 отсто се изјасниле дека секојдневно јадат благи работи како торти и колачи, додека газираните сокови се застапени кај 66 отсто од срдношколците. Само 2 отсто од испитаниците не ја конзумираат популарната скара, која е најмногу застапена во рестораните ширум земјава. Кафето е доста популарно, односно, дури 43 отсто од младите  секојдневно го пијат овој традиционален напиток богат со кофеин“ – вели Павловски.


Според него, иако средношколците здраво се хранат, мора да обратат поголемо внимание на алкохолот и цигарите, кои на оваа возраст можат штетно да влијаат на здравјето. „Дури 25 отсто од испитаниците често конзумираат алкохол, а поретко 45 отсто. Овие 45 отсто се потенцијални, односно лица кои во иднина би можеле да посегнат по некоја чашка алкохол. 11 отсто од средношколците на возраст од 15 до 16 години пушат цигари, а 9  отсто се изјасниле дека  иако ретко знаат да запалат по некоја цигара.“ – додава Павловски.

За во иднина, Павловски најавува уште некое истражување, со цел да се добие попрегледна слика за „иднината“ на градот.

О.Т.