Италијанецот Алесио Окипинти и аргентинката Мајте Ајлен Пука победници на 39. Охридски пливачки маратон. Окипинти 25 километри долгата патека „Климе Савин“ од Св. Наум до Охрид ја преплива за време од 5 часа, 03 минути,  44 секунди, додека Пука за 5 часа, 20  минути и  44 секунди.

Италијанецот Алесио Окипинти најбрз на 39. Охридски пливачки маратон. Фото: Анамарија Момироска I OhridNews

Окипинти беше победник и на маратонот пред три години кога патеката ја мина за рекордно време од 4 часа, 53 минути, 14 секунди.

 

Аргентинката Пука беше прогласена за победничка и на минатогодишниот маратон кој поради временските услови беше прекинат, а во 2024 заврши втора на целта во женска конкуренција со време од 5 часа 52 минути 36 секунди.

 

Втор во машка конкуренција пристигна италијанецот Николо Ричарди со време од 5 часа, 04 минути, 16 секунди, додека македонецот Петар Цеков пристигна трет на целта по 5 часа, 07 минути,  26 секунди.

 

Првите честитки на победниците на целта на кејот на Охридското Езеро им ги упатија претседателката Гордана Сиљановска Давкова, како и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

 

Боите на Македонија ги бранеа и маратонците Александар Илиевски, Леонид Мишевски и Росана Гошева.

На маратонот учествуваа и пливачите Матеа Видовиќ од Србија, Умит Кемал Џенгиз од Турција, Филип Лакас од Канада, шпанците Енеко Саезмиера и Даниел Понсе Хименез и Кристијано Карамело Сантос од Португалија.

 

 

Во женска конкуренција покрај Гошева, пливаа и Елена Лионело од Италија, Милица Љубисављевиќ од Србија и Аргентинките Рита Ванеса Гарсија.

Трката се одвиваше во одличен ред, временските услови беа идеални, а температурата на водата околу 23-24 степени.

Годинешното издание на Охридскиот пливачки маратон има награден фонд од 15.000 долари.

 

 

Победникот на денешната маратонска трка,  Окипинти, освен пехарот и паричната награда за освоеното прво место, го доби и признанието “Климе Савин” за придонес во развојот на маратонското пливање.

Покровител на 39. Охридски пливачки маратон е претседателот на Македонија, а OhridNews е медиумски партнер на манифестацијата.

Фото галерија:

На Охридското Езеро по 39 пат се одржа големиот пливачки маратон

Н.С.Ј./Г.М.

фото. А. Момироска