Со грандиозен проект – Концерт на четири тенори, светски познати уметници од Италија, Алесандро Косентино Де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини кои ќе настапат заедно со Оркестарот на Националната опера и балет, а под диригенската палка на Лоренцо Бицари на сцената на Античкиот театар ќе биде отворено 62-рото издание на фестивалот „Охридско лето“.

Фестивалскиот оган, чиј блесок повеќе од половина век ги најавува најголемите, најславните, највозвишените уметници од светот на музиката и театарот, и годинава ќе биде симбол на фестивалските вечери исполнети со уметноста на музиката и театарот кои заедно соединети на сцената на „Охридско лето“ создаваат неповторливи доживувања, рече директорката на НУ Охридско лето, Наташа Поповиќ на денешната прес конференција.

Од 12 јули до 20 август, на отворените сцени Антички театар, Долни Сарај, Предворје на црквата Света Софија, како и самата Црква Света Софија и Центарот за култура, ќе настапат над 1000 уметници од 25 земји, а љубителите на уметноста ќе имаат прилика да уживаат во 36 концерти, 9 театарски претстави и 6 настани во дополнителната програма. Посебно сме горди што од оваа година за првпат химната на „Охридско лето“ создадена во далечната 1976 година од еден од најпознатите македонски композитори Томислав Зографски, ќе се интонира во изведба на солисти-дувачи од Оркестарот на Националната опера и балет кои ја отсвирија и снимија по оргиналниот нотен запис специјално за потребите на „Охридско лето“, вели Поповиќ.

Како дел од новините, додава Поповиќ, од ова фестивалско издание е и нова веб-страна, а дизајнот ја отсликува замислата да се поврзе автентичноста на локацијата со музичко-сценскиот аспект на манифестацијата покажувајќи го патот кој води до терасата на најубавата сцена, Дони Сарај.

Селекторот на музичката програма Бисера Чадловска, диригент во Националната Опера, истакна дека планираат грандиозно отварање, на кое ќе настапат четворицата италијански тенори придружувани од оркестарот на Националната опера и балет.

На програмата се настапот на камерниот оркестар „Профундис“, кој е еден од поновите македонски состави за камерно музицирање и кој бележи неколку успешни концерти со виртуозни програми, настапот на врвниот светски виолинист Стефан Миленковиќ, додека на роденденот на „Охридско лето“ ќе имаме можност да го погледнеме фламенко балетот „Луксурија“. Во соработка со Факултетот за музичка уметност од Скопје, ќе се промовираат циклус од осум книги од композиторот и професор Димитрије Бужаровски, кој и самиот во неколку наврати беше селектор на фестивалот „Охридско лето“. Музичкиот дел е збогатен и со настап на уште еден виолинист, многу добро познат на македонската публика – Шломо Минц, вели Чадловска.

Оваа година фестивалот ќе се затвори со концерт посветен на делото на легендарниот македонски композитор Александар Џамбазов, кој почина годинава. На концертот, македонски уметници ќе изведат дел од неговите најубави дела, вели Чадловска.

Освен овие настани кои се дел од официјалната програма, публиката ќе има можност да ужива и во Подиумот на млади уметници, кој традиционално се одржува на 9-ти, 10-ти и 11-ти јули во црквата Света Софија, а ќе настапат Богдан Дугалиќ – пијано, Камил Ел-Ахмадиех – пијано и Сара Једличкова – виолончело и камерниот оркестар „Нонет+“, под диригентство на Ангел Спировски.

62-то „Охридско лето“ по правило носи претстави и театри кои македонската публика немала прилика да ги види, а кои отскокнуваат со својот квалитет, форма, актуелност и наратив. Најстариот македонски интернационален фестивал инсистира на остварување на високи уметнички амбиции и емотивна комуникација со публиката отсликувајќи го сето она што сѐ случува во и околу нас. Затоа, годинешната програма е селектирана по принципот на глобална важност, на проблемите кои ги живееме, кои нѐ допираат и нѐ образуваат, вели вели Сања Арсовска актерка од Драмски театар Скопје.

Со селектираната театарска програма настојувавме на актуелност во темите, на различни сценски форми, на промоција на нови модерни драми, на ново и современо читање на веќе познатите драмски и книжевни дела, на претстави кои ќе успеат да го погалат или да му удрат шлаканица на гледачот и во никој случај да не го остават рамнодушен. Вкупно десет претстави од кои шест домашни и четири странски публиката ќе има прилика да ги погледне во драмскиот дел на фестивалот. За првпат, доминанти во програмата се жени режисерки. Шест режисерки и четворица режисери со своите претстави ќе дадат печат на ова фестивалско издание, велу Арсовска.

Меѓу нив, Ла Мама театарот од Њујорк со претставата „Балкан Бордел“, украинската претстава „Кротењето на опаката”, Народен театар Белград гостува со големиот класик на Толстој „Војна и мир“, југословенски Драмски театар ќе го изгаси огнот на фестивалот со Чеховиот „Вујко Вања“.

Македонските театри летово ќе прикажат претстави од последнава театарска сезона, а Народниот театар од Охрид ќе ја отвори театарската програма на фестивалот со премиера на „Секс, лаги и љубомора“ по текст на Марк Камолети, а во режија на Коле Ангеловски кој во своето последно дело продолжува да игра во својот препознатлив стил со т.н. „комедија на ситуации“ и отсликување на машко- женските односи во општеството. На ова, ќе се надоврзе Народниот театар од Битола со претставата „Демони“. Драмскиор театар Скопје ја носи неверојатно топлата приказна за Кристофер, дете со атипичен развој, кој ќе не втурне во неговиот ведар, магичен и нумеристички свет наречен „Чудна Случка со кучето во ноќта“, додава Арсовска.

Турскиот театар Скопје ќе ја изведе „Галеб“ на Чехов, а Македонскиот народен театар ќе ја заокружи македонската програма со „Народен Непријател“ на Нина Николиќ, по текст на Хенрик Ибзен. За најмладата публика, ќе настапи колективот 5+ Фамилија со сценско-музичкиот перформанс „Немаме резервна планета”.

Историјата на „Охридско лето“, од првиот одржан концерт на нашата истакната, сега покојна, вокална уметница Ана Липша – Тофовиќ во далечната 1961 година до денес, претставува значаен момент на нашето културно живеење.

Н.С.Ј.