Со концерт на италијанските уметници Енрико Диндо – виолончело и Моника Катароски – пијано, вечерва во катедралната црква Св. Софија (21ч.) завршува 52-то издание на најзначајната културна манифестација во земјава, фестивалот „Охридско лето“.
На програмата се дела од: Шуберт, Капустин и Шостакович.
Енрико Диндо е истакнат италијански мајстор на виолончелото. Кога во 1997 година, тој ја освои Првата награда на натпреварот „Ростропович“ во Париз, големиот Маестро за него напиша: „Диндо е виолончелист со исклучителни квалитети, комплетен уметник и формиран музичар, со извонреден звук што се протега како најпрекрасниот италијански глас“. Оттогаш, Диндо започнува активна концертна кариера, настапувајќи во многу земји со престижни оркестри како Националниот оркестар на Франција, Санкт Петербуршката филхармонија, Chicago Symphony Orchestra, Toronto Symphony Orchestra, Националниот оркестар на Сао Пауло, Filarmonica della Scala и други, под диригентската палка на Валери Гергиев, Рикардо Мути, Мстислав Ростропович, Даниеле Гати, Пааво Јарвј. Бил гостин на повеќе светски фестивали. Добитник е на наградата „Abiatti” за најдобар солист во сезоната 1998/1999 од страна на Асоцијацијата на музички критичари на Италија. Во 2004 година, тој беше прогласен за севкупен победник на Шестиот меѓународен натпревар Web Hall Competition, а во 2005 година Претседателот на Италија му ја додели наградата „Vittorio De Sica” за исклучителни остварувања на полето на музиката. На Диндо му се посветени повеќе дела од истакнати автори. Остварува снимки за Decca, а свири на Pietro Giacomo Rogeri виолончело од 1717 година.
Моника Катароси е лауреат на значајни меѓународни натпревари. Како камерен музичар остварува богата кариера, соработувајќи со Џулиус Бергер, Роко Филипини, Дора Шварцберг, а е редовен концертен партнер на Енрико Диндо. Катароси е официјален корепетитор на натпреварот по виолина и виолончело во Маркнојкирхен и на натпреварот Јанигро во Загреб (на двата натпревари беше наградена со признание за исклучителна корепетиција), а со години е и пијано придружник на Интернационалниот натпревар по виолина „Леополд Моцарт“. Освен тоа, таа е корепетитор на Академијата во Кремона, Пинерола и на Летната академија при Моцартеум универзитетот во Салцбург.