Светски познатиот театарски режисер Иван Поповски кој 27 години живее и работи во Москва, во интервју за тв Телма изрази незадоволство поради загадувањето на Охридското Езеро, со тенденцијата да се комерцијализира и да се гради ексклузивен туристички комплекс.
„Тоа се работи кои се непоправливи, ако е проточно, 700 години му треба на Охридското Езеро да ја промени водата. Толку несериозно за ситни интереси размислуваме на кратко. Се палам, можеби не треба, но навистина се палам затоа што ми се чини дека тие што доаѓаат во Охрид, јас имам секоја година по 20-30 пријатели од Русија, некои доаѓаат 5 – 6 години по ред, тие се договараат да ќутат за Охридското Езеро затоа што им е страв од инвазија да не се уништи тоа. Луѓето доаѓаат таму заради нешто автентично, заради друг воздух, мирис, друго поднебје, тоа го сакаат. Велат милионери, милијардери ќе доаѓале, тие се знае кај ќе си одат, си има места каде што ќе одат, а ќе ги изгубиме тие што доаѓаат за нешто друго.“-рече Поповски.
Поповски деновиве престојува во Македонија каде го режираше театарски спектакл„ Мајсторот и Маргарита“ кој премиерно беше изведен во Македонскиот народен театар. Големиот режисер и вљубеник во Охрид и на прес конференцијата по повод премиерата на претставата апелираше да се зачува и заштити Охридското Езеро.
OhridNews