Новоизбраниот претседател на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска даде свечена изјава пред Собранието на Република Македонија со што и официјално започна неговиот втор петгодишен мандат.

– Изборите одредија кој ќе биде претседател, кој пратеник, кој ќе ја составува Владата, кој ќе  управува со државата во наредните години. Од нив се бара посветеност и одговорна работа. Сериозност и промисленост. Секој што добил мандат мора да е свесен и одговорен за ова“, нагласи претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов, во своето инаугуративно обраќање по потпишувањето на свечената изјава.

Иванов додаде дека токму мандатот, довербата, денес некои опозициски партии ја доведуваат во прашање, одбивајќи да ги признаат резултатите од изборите.

– Како претседател, загрижен сум за тие реакции и постапки, бидејќи сум и нивен претседател. Денес јасно ќе кажам: Оние што мислат дека ја бојкотираат институцијата „претседател на Република Македонија“, всушност ги бојкотираат граѓаните кои гласале на претседателските избори. Оние што го бојкотираат Собранието за кое добија мандати, всушност ги бојкотираат волјата и довербата на граѓаните, кои гласале и за нив, истакна Иванов.

Во говорот по свечената изјава, Иванов повика да се надминат тесно-партиските и личните интереси и опозицијата да остане доследна на демократските принципи и вредности. Иванов нагласи дека ќе биде претседател на сите граѓани без разлика на нивната етничка, верска или политичка припадност.

OhridNews

извор МТВ