Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими проф. д-р Борче Давитковски, претседател на ад-хок комисијата за расветлување на настаните пред и на 24 декември.

Претседателот Иванов како иницијатор на комисијата, го поздрави потпишувањето на извештајот и изрази очекување дека препораките од извештајот на комисијата ќе бидат доследно спроведени.

Врз основа на информациите добиени од претседателот на ад-хок комисијата, претседателот Иванов изрази жалење за изгубеното време и начинот на кој се постигна договор околу конечниот извештај. Од друга страна, претседателот Иванов го поздрави државничкото однесување, покажаната зрелост, разумност и направените отстапки, со цел да се заштитат државните интереси и интересите на граѓаните, кои секој пат знаат да препознаат кој работи во нивни интерес.

– Македонскиот претседател повикува на национален консензус во однос на стратешките цели и приоритети на Република Македонија. Во таа насока, претседателот Иванов апелира еднаш засекогаш да се престане со деструктивни политики, политиките на ултиматуми и уцени и поставување на тесно-партиските интереси и интересите на поединци, над интересите на државата и граѓаните, се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот.

Во соопштението стои и дека никој во Република Македонија нема право и не смее за каков било интерес да ги држи во заложништво напредокот и развојот на државата.

OhridNews