Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

– На овој ден се потсетуваме на нашите партизани кои чекорејќи по патот кон слободата се соочија со многу маки и премрежија, и притоа покажаа невиден хероизам и искрен патриотизам. На овој тежок пат, тие се водеа од три вредности – слободата, правдата и човечноста кои ги вградија во темелите на македонската држава. Нашите славни предци во наследство ни ја оставија скапо платената слобода и државност на Република Македонија. Наша должност е да ја сакаме, чуваме и унапредуваме, за да им ја предадеме на нашите потомци, се наведува во честитката на Иванов.

Иванов потенцира колку е значајно почитувањето на традицијата, соживот и почитување на различноста.

– Да вложуваме во довербата и во почитта што го држат нашето општество сплотено. Да продолжиме да градиме демократска, просперитетна и европска Република Македонија. И притоа, постојано да ги имаме на ум вредностите кои нè движат и како луѓе и како општество, а тоа се слободата, правдата и човечноста“, вели претседателот Иванов во честитката по повод Денот на народното востание, 11 Октомври.

OhridNews