Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, вчера ги прими Заменик на Претседателот на Владата задолжен за спроведување на Рамковниот договор, Министерот за одбрана и Министерот за надворешни работи на Република Македонија.
 
Како што информираат од кабинетот на претседателот, на средбата со Муса Џафери, Заменик на Претседателот на Владата задолжен за спроведување на Рамковен договор се разговарало за координацијата во правец на одбележувањето на 10 годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

На средбата со новоименуваниот Министер за одбрана, Фатмир Бесими се разговарало за развојните и реформските процеси во Министерството за одбрана. На средбата бил повцторен заклуќокот дека Република Македонија ги постигна бараните реформи и го достигна нивото за полноправно членство во НАТО, а влезот во Северно-атлантската Алијанса останува врвен приоритет на македонската надворешна и безбедносна политика. На средбата станало збор и за подготовките за претстојното одбележување на Денот на Армијата – 18 август.
 
Претседателот Иванов на средбата со Никола Попоски, новоименуваниот Министер за надворешни работи, изразил очекување за продолжеток и унапредување на соработката помеѓу двете институции. Претседателот Иванов се заложил кај министерот Попоски за поголемо влијание и зголемување на ефикасноста и квалитетот на работата на Министерството, како и за проактивен однос на македонската дипломатија, со цел остварување на стратегиските приоритети на Република Македонија – полноправно членство во НАТО и во Европската Унија, се вели во соопштението на Кабинетот на претседателот.

OhridNews