На средбата, организаторите на фестивалот го информирале Претседателот, кој е и покровител на Охридско лето, за досегашниот тек на подготовките. Претседателот Иванов изразил надеж дека фестивалот Охридско лето 2011 година ќе биде успешен културен настан, со учество на голем број странски уметници од кои многумина за првпат настапуваат во Охрид. Според Претседателот Иванов, фестивалот Охридско лето дава исклучителен придонес за промовирање на македонската култура во светот, како и на најзначајните светски културни достигнувања пред македонската публика.
Претседателот Иванов минатата година додели Орден за заслуги за Македонија на фестивалот Охридско лето, поради долгогодишното успешно претставување на македонското и светското музичко и културно творештво на оваа национална установа.
Фестивалот ќе биде отворен утре, со премиера на делото Триологија Романа. На свеченото отворање, како гости на Претседателот Иванов ќе присуствуваат и претседателите на Албанија, Косово и на Црна Гора.