На свечена церемонија, синоќа во Охрид, претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов им ги врачи сертификатите за учество и успешно завршување на интензивниот лидерски тренинг на годинашните учесници во Школата за млади лидери.

Како што рече Иванов, сертификати се своевиден компас што ќе ги води учесниците низ животот, по патот, наречен потрага по среќа.

– Ви посакувам од ова пристаниште каде сме вечерва да продолжите да патувате и сето знаење, искуство, сите вештини што ги стекнавте да ги применувате во вашиот живот. Да ја направиме Македонија да биде горда на вас, но и вие да сте горди што учествувавте во еден проект да создадеме од Македонија земја на успешни луѓе, рече претседателот обракајќи им се на присутните учесници.

Иванов со порака до младите лидери да ги практикуваат сите стекнати знаења, остварени контакти, да го споделуваат искуството со останатите, бидејќи само на тој начин сите тие доблести ќе ја добијат вистинската вредност.

Школата за млади лидери, како проект на претседателот на Република Македонија, е основана следејќи ја неговата визија за поддршка и инвестирање во образованието и надградба на младите македонски граѓани. Основната цел е да им овозможи на младите луѓе од Македонија да го развиваат својот креативен потенцијал и лидерски вештини, да стекнуваат знаења и да разменуваат искуства.

OhridNews