Претседателот Ѓорге Иванов во отвореното интервју со уредници на неколку национални телевизии објави дека имал информации од странските и нашите служби дека имало реална закана за физичка ликвидација на двајца лидери на политички партии.

„Има закани. Гледате колку закани има за мене? Што кога ќе го убиете претседателот? Треба да се убиваме со идеи, со концепти, со визии“, рече тој.

Додаде дека не може да ги каже имињата, но дека службите ги знаат и дека тие лица се информирани за заканите кон нив.

На прашањето дали ќе ги повлече одлуките за оние што побараа такво нешто од него, вклучувајќи го и поранешниот претседател Бранко Црвенковски, Иванов рече:

„Јас не сум виновен што постои обвинение за поранешниот претседател. Секој што смета дека сум го довел во незгодна ситуација, дека сум го навредил, нека се обрати до Кабиентот. Ќе ги констултираме сите можни правници за да видиме што можеме да направиме“.

Според него Специјалното обвинителство е злоупотебено во овој предизборен период.

„Правна завршница ќе нема. Не може СЈО да ги заврши во овој период своите истраги. Специјалното обвинителство е институција за долг рок“, рече тој.

Иванов рече дека амбасадори во земјва им диктирале по телeфон на судии што да работат. „Некои од амбасадорите ги пречекорија сите амбасадорски овластувања. Не сакаме да влегуваме во конфликти со тие земји од каде доаѓаат. Им кажав да внимаваат дека тоа што работат да не биде погрешно сфатено. Никој досега не успеал да ме скрши, ни да ме уцени. За чесност и за искреност и посветеност можам да ви зборувам со саати“, рече Иванов.

OhridNews
Извор:„Макфакс“