Кандидатот за претседател на Република Македонија од ВМРО ДПМНЕ, Ѓорѓе Иванов, својата предизборна кампања ја заврши денеска со средба со граѓаните на Охрид. Токму во Охрид тој и ја започна кампањата за претседател на државата, што според него има своја симболика.

– Во Охрид почнавме на Чист понеделник, целата кампања ја водевма со чист образ, чиста душа и чисто срце за Македонија. Првиот круг од изборите беше на Младенци, а вториот круг е пред Благоец, така што очекуваме благите вести да ги имаме уште на 5 април и да оствариме уште една голема победа, и за претседател и за градоначалник на Охрид, рече Иванов на средбата со охриѓани.

Претходно Иванов ги посетил општините Ростуше, Дебар, Центар Жупа и Струга. Тој смета дека граѓаните во текот на кампањата ја разбрале сериозноста на моментот.

– Очекувам дека в недела граѓаните ќе излезат уште помасовно и дека ќе покажеме дека сме сериозна земја. Впрочем, славиме 18 години независност, а кога сте полнолетен сте и поодговорен. Одговорноста да ја покажеме в недела со масовност и да овозможиме Македонија да го фати вистинскиот колосек што води кон Европската унија и НАТО, додаде претседателскиот кандидат Иванов.











