Цената на ваквото решавање на македонското прашање е правно и историско поништување на Македонскиот народ, бидејќи без македонски народ, македонски идентитет и македонски јазик, нема ниту македонско прашање. Со други зборови, прашањето за идентитетот ќе се реши со негово поништување. Ова го истакна поранешниот претседател на државата, Ѓорге Иванов, во реакцијата испратена до јавноста по повод интервјуто на актуелниот премиер Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС.

Со тоа, Република Македонија и македонскиот народ се втурнати во правна, политичка, историска бездна. Пандорината кутија е отворена. Сега, речиси секој си зема за право да го негира она што е наше стекнато право. И тоа, на повеќе нивоа и во повеќе наврати. Постојат прашања за кои не се преговара, стекнати права за кои не се разговара, црвени линии преку кои не се преминува.” – вели Иванов.

Според Иванов, невиден преседан е заради политички контекст политичарите да даваат историско толкување на фактите. Антифашистичкиот карактер на Македонската борба во Втората светска војна и придонесот за ослободувањето од нацизмот и фашизмот во Европа никогаш не биле спорни. Никој нема право, слобода и повиканост да менува нешто, да испревртува факти, да ја преиначува вистината. Не е само неприкладно, туку е срамно и жално, и за Македонија и за Македонците, додава Иванов.

Вчера, Македонскиот Народ го виде правото лице на Заев. Овој самопрогласен „искусен политичар” вчера докажа дека сме сведоци на национално предавство. Длабоко сум убеден дека македонската нација (и оние што гласаа за него) ја согледаa предавничката улога на Заев и неговата клика. Во оваа прилика на „искусниот политичар” му препорачувам соодветна лектира. Најпрвин манифестот на АСНОМ кој јасно вели: „Под великобугарската окупација настанаја најтешките години на македонскиот народ.” „За Македонцките Работи” на Крсте Петков Мисирков кој зборувајќи за слободата посочи на мрачните сили што не и дозволуваат на нашата татковина сама со свои очи да ги гледа своите интереси, ами и наврзуваат очила што ја замрачуваат вистината. Воедно би му ја препорачал и 1984 на Орвел кој напишал дека „кој го контролира минатото ја контролира иднината, а кој ја контролира сегашноста, го контролира минатото.” – посочува поранешниот претседател на државата.

Кога сте подготвени едно прашање да го решите по секоја цена, тогаш цената е највисока, истакна, додавајќи дека во секоја демократска земја, во секоја земја членка на Нато и членка на Европска Унија, за вакви изјави на премиер, паѓа владата.

OhridNews