Државните институции на Република Македонија, кои се справуваат со мигрантската криза сѐ уште немаат добиено никакви финансиски средства, ниту опрема за регистрација и надзор на државната граница, од Европската унија.

Ова се вели во реакцијата од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, на изјавата на портпаролот на Европската комисија Маја Коцијанчич, дека на Македонија и се доделени 50 милиони евра помош од страна на Унијата за справување со бегалската криза.

„Сите трошоци за безбедносниот аспект на кризата ги сносат исклучиво македонските институции, македонската војска, македонската полиција, македонското разузнавање, македонските здравствени власти, општините на југот, на северот и македонските јавни претпријатија“, се вели во реакцијата.

Од Кабинетот на Иванов потсетуваат дека дека сите средства што се пристигнати од почетокот на мигрантската криза се всушност хуманитарна помош дистрибуирана преку меѓународни организации, и други средства доделени на невладини организациии, кои на терен помагаат во справување со кризата од хуманитарен аспект.  

„Европската комисија и понатаму настојува претходно проектираните ИПА фондови да ги прикаже како средства доделени за актуелната бегалска криза, односно да ги пренамени за оваа цел“, се вели во реакцијата од Кабинетот на Иванов.

OhridNews
Извор:„Макфакс“