На Македонија и се потребни луѓе кои знаат да предводат и да водат и во сегашноста, но и во иднината. Ни требаат лидери не само во политиката, туку и во економијата, културата, бизнисот, спортот, секаде, нагласи денеска претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на отворањето на Четвртата Школа за млади лидери.

На учесниците на школата, која ја спореди како управување со автомобил, Иванов им порача што повеќе да гледаат напред, поцврсто да го држат воланот и да имаат што повеќе сопатници, кои ќе ги пренесат во еден поинаков свет исполнет со радост и среќа.

– Сознанијата што ќе ги стекнете од Школата секогаш да бидат во вашите мисли неколку чекори понапред од другите, да размислувате секој пат од аспект на иднината и да ги согледувате сите последици од вашите одлуки кои мора да ги носите. Да бидете свесни за се она што вам ви е пренесено, кое треба да го сочувате и да го пренесете на идните генерации”, рече македонскиот претседател.

Школата, која по четврти пат се одржува на иницијатива на претседателот Иванов, според него, е резултат на желбата да се продолжи со едукација и пренесување на знаење.

Поранешниот претседател на Чешката Република, д-р Вацлав Клаус, на отворањето истакна дека идејата на претседателот Иванов за организирање школа за лидери е добра, креативна, и смета дека не е доцна да ја пренесе во неговата земја.

– Сметам дека младите луѓе мора да имаат можност да се среќаваат да разговараат и да слушнаат други кои веќе имаат стекнато одредено искуство во различни свери од животот и нивната кариера”, рече Клаус.

Претседателот на Светската Академија на науки и уметности Иво Шлаус нагласи дека Школата е целосна иновација.

На годинешната школа гостуваат вкупно 30 реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции, кои ќе ги пренесат своите искуства и видувања за лидерството на вкупно 40 учесници на обуката.

OhridNews