Земјите од регионот имаат иста цел и  треба да се стремат заеднички да ја остварат, со што ќе се отворат нови перспективи за граѓаните и ќе се забрза севкупниот развој на општествата, порачаа претседателите на Македонија, Албанија , Црна Гора и Косово на третиот самит што денеска се одржа во Охрид.

Тие упатија порака до владите и државните институции политичките заложби да ги преточат во конкретни проекти за инфраструктурно и енергетско поврзување, но и да се залагаат за поголема економска соработка и привлекување на инвестиции, слободен проток на луѓе, во борбата против организираниот криминал и заштитата на животната средина.


Со тоа регионот ќе испрати силна порака дека во тек се позитивни процеси кои државите ќе ги приближат до вратите на ЕУ, што е и наша заедничка цел. На тој пат, пречка не смеат да бидат билатералните проблеми, како што е тој помеѓу Грција и Македонија, туку да се вреднуваат постигнатите резултати, рече претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов.


Учесниците на регионалниот претседателски самит од Охрид упатија порака и за подобрување на прекуграничната соработка и намалување на административните процедури на границите  по примерот на Албанија и Црна Гора каде се врши една заедничка контрола.


  
Четворицата претседатели искажаа подготвеност за проширување на заедничката иницијатива, а претседателите на Албанија и Црна Гора упатија отворена покана до српскиот претседател Тадиќ да им се придружи на следниот состанок. Подготвеност за подигнување на нивото на разговорите за отворените прашања помеѓу Белград и Приштина искажа и претседателката на Косово, Атифета Јахјага.

Домаќин на четвртиот по ред регионален претседателски самит ќе биде Црна Гора.

OhridNews
фото: Емилио