Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, го прими амбасадорот Метју Нимиц, специјален пратеник на Генералниот секретар на Обединетите нации за прашањето за името.

На средбата, Иванов и амбасадорот Нимиц разговарале за актуелната состојба околу разговорите кои се водат за надминување на ова прашање.

Претседателот Иванов на средбата подвлекол дека Македонија останува посветена и конструктивна во разговорите со цел надминување на ова прашање. Според Претседателот Иванов, конструктивноста на Македонија е потврдена и со одлуката на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, кој утврди прекршување на Времената спогодба од 1995 година од страна на Република Грција. Македонскиот претседател оцени дека просперитетот на Република Македонија е нераскинливо поврзан со евро-атлантската интеграција од која што полза ќе имаат двете држави, регионот во целина, како и Европската унија и НАТО Алијансата.

Воедно, Иванов изразил надеж дека до заемно прифатливо решение може да се дојде само со конструктивност на двете страни и со придржување до рамката во која се водат разговорите, Резолуциите на ОН и Времената спогодба. Како што потенцирал претседателот Иванов, не е можно решение кое нема да го почитува достоинството на граѓаните на Република Македонија, кое на било кој начин би задирало во идентитетските прашања и кое нема да е во согласност со меѓународното право.

OhridNews