– Со голема загриженост ги следев вчерашните случувања во и пред Собранието на Република Македонија. Жалам за немилите сцени и искрено се надевам дека тоа што вчера го видовме нема никогаш да се повтори. Вчера се случи она на што предупредив во моето годишно обраќање. Очигледно моите апели не беа послушани. Уште еднаш ќе повторам. Не може целото општество, да биде заложник на неодговорно однесување. Кога станува збор за интересите на граѓаните и за непреченото функционирање на државата, тогаш нема простор за парцијални интереси, стои во обраќањето на претседателот Иванов.
Тој потенцира дека во демократијата може да постојат политички пријатели и политички непријатели, но политичките актери не смеат да се гледаат низ призмата на душмани.
– Граѓаните очекуваат решенија, а не проблеми. Но, решенијата мора да се наоѓаат во институциите на државата од страна на оние избрани за тоа. Недозволиво е во третата деценија од нашата независност да сведочиме за насилство насочено кон и во демократските институции и уставниот поредок, додава Иванов .
Претседателот изрази жалење за немилите сцени со претставниците на медиумите и наведува дека секој во оваа држава има должност да го почитува поредокот, уставот и законите и никој не смее да биде попречуван да си ги врши професионалните обврски, било да се тоа претставници на медиумите, народни избраници, овластени службени лица.