Уште една кандидатура поднесена до ВМРО – ДПМНЕ за Конвенцијата за избор на кандидат за Претседател на Република Македонија.

Божидар Нончев е новиот кандидат кој влегува во трката за избор на кандидат од редовите на владеачката партија, со што бројот на заинтересирани за избор на Конвенцијата која е закажана за први март, порасна на тројца кандидати меѓу кои е и актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов, истакнаа денеска од ВМРО – ДПМНЕ.

Од партијата потенцираа дека крајниот рок за доставување на кандидатурите до Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ за избор на кандидат за Претседател на Република Македонија истекува во среда заклучно со 20 часот.

„Изборот на кандидат за Претседател на Република Македонија сметаме дека е врвен демократски дострел и оттука целиот процес го водиме крајно одговорно и демократски“, истакнат Емил Димитриев, фенерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

На Конвенцијата закажана за први март, секој кандидат ќе има еднаква можност и право за презентација  на својата програмска визија пред присутните.

Избран кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за Претседател на Република Македонија ќе биде оној кој во првиот круг на гласање добил најмногу гласови, но не помалку од 1/3 од вкупниот број на делегати. Доколку ниту еден од кандидатите не го добие потребниот број на гласови во првиот круг гласање, ќе се спроведе и втор круг помеѓу двајца кандидати кои добиле најголем број гласови во првиот круг.

OhridNews

извор: „Макфакс“