Државната изборна комисија денес му го врачи уверението на старо – новиот претседател на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, за нов мандат на претседателската функција. Иако претходно беше предвидено уверението на Иванов да му го врачи претседателот на ДИК, сепак тоа не се случи и наместо него уверението за втор мандат му го додели членот на комисијата, Бедредин Ибраими.
Со ова Иванов се стекна со право на втор мандат како државен татко на граѓаните на Република Македонија, право кое произлезе од гласањето на 27 – ми април кога на изборите во вториот круг од претседателската трка 534.910 гласачи го дадоа својот глас за поддршка на кандидатот за претседател на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија”.
На вториот изборен круг на гласање излегоа 54,38 отсто од гласачкиот електорат во Македонија, или 967.694 гласачи од вкупно 1.779.572 запишани во Избирачкиот список.
Мандатот на новоизбраниот претседател покрај Ибраими му го честитаа и членовите Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анета Стефановска.
OhridNews
извор Макфакс