Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Вила Билјана во Охрид, оствари средба со Метју Нимиц, специјалниот пратеник на Генералниот секретар на Обединетите нации за  разговорите околу името.


Како што соопшти Кабинетот на претседателот, на средбата, во пресрет на официјалната посета на Генералниот секретар на Обединетите нации, Н.Е. г.Бан Ки-мун, шефот на македонската држава ја потврдил македонската државна позиција и силна посветеност за изнаоѓање заеднички прифатливо решение за разликата околу името, во рамки на воспоставениот  формат,  под покровителство на ОН.

„Подготвени сме веднаш, неодложно, да седнеме на маса, да бараме и да најдеме решение. До решение е можно да се дојде. Очекувам од вас да апелирате кај другата страна да се придржува исклучиво до рамката во која се водат разговорите и да не навлегува во други прашања, како што се јазикот и идентитетот,“ истакна македонскиот претседател пред медијаторот Нимиц, додавајќи дека тоа се основните предуслови за изнаоѓање решение во кое нема да има победници и поразени.

Како што нагласи претседателот Иванов, Република Македонија останува конструктивна во процесот, подготвена за средби на највисоко ниво, за разгледување на нови иницијативи и интензивирање на дијалогот. Но истовремено,  Република Македонија инсистира на целосно почитување на Времената спогодба и на пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг, и во таа насока очекува поддршка и од медијаторот Нимиц, со цел доследност кон меѓународно преземените обврски и прифатените договорни рамки, што е од пресудно значање. Притоа, претседателот Иванов му пренесе на медијаторот Нимиц дека досега неколкупати го има покането Папуљас на средба, на што грчкиот претседател се нема одзвано, стои во соопштеието.

„Очекуваме грчката страна во духот на добрососедството да покаже флексибилност и добра волја со цел создавање на позитивна атмосфера, придвижување на процесот и надминување на разликата околу името, прашање кое сами го наметнаа, а чие разрешување е во интерес на двете држави и на двата народа,“ посочи претседателот Иванов, притоа забалгодарувајќи му се на медијаторот Нимиц за досегашниот ангажман и посветеноста на Обединетите нации на ова прашање.

 
Претходно Нимиц во Скопје се сретна со премиерот Никола Груевски.

OhridNews
фото: МИА