Ова е мое второ обраќање годинава пред Собрание што не е во полн состав. Искрено жалам што и денес не присуствуваат народните пратеници кои избрале да не ги претставуваат граѓаните што гласале за нив. Со тоа што ги оставија своите места во овој дом на демократијата празни, ги оставија и непретставени граѓаните кои ги избраа. Празните места во Собранието не можат да ја претставуваат волјата на граѓаните, рече на почетокот од своето годишно обраќање во македонското собрание, претседателот Ѓорѓе Иванов.

– Пред 23 години, кога политичките партии за прв пат се вклучија во демократски натпревар, и кога граѓаните на Република Македонија за прв пат гласаа на слободни и демократски избори, демократијата беше прифатена како процес и како поредок, како политички систем на оваа држава. Демократијата стана темелен консензус во нашето повеќеетничко, повеќерелигиско и повеќејазично општество. Гласањето на избори е уставно право на граѓаните, но нивното претставување во Собранието е уставна обврска на избраните пратеници. Сакам да напоменам дека како претседател, пред 7 месеци ги поканив политичките лидери, вклучувајќи ги и господинот Заев и господинот Ахмети, да разговараме за интересите на државата. Тие сè уште не се одзваа на поканата, која е сè уште отворена. Да се одбие разговор за интересите на државата за мене е израз на крајно неодговорно политичко однесување. Затоа, на оние кои денес не се тука, сакам да им порачам дека политичкиот дијалог не е израз на слабост, туку израз на политичка зрелост, рече претседателот Иванов.

Тој во своето обраќање се осврна и на меѓуетничките односи во Македонија , како што рече, кои сè уште се соочени со предизвици, кои доаѓаат и од политичка манипулација, која ја извртува вистинската слика за соживотот. Иванов зборуваше и за надворешната политика на земјата, како и состојбите во сферата на образованието.

OhridNews