Претседателот Ѓорѓе Иванов денеска по повод прославата на Илинден порача дека членството во Европската Унија и НАТО, неминово бара жртва. Но, според него, за секоја жртва е потребен широк национален и државен консензус. Тој говорејќи пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методија Андонов-Ченто во центарот на Скопје истакна дека на тој пат не треба да се жртвува идентитетот.
Иванов изрази надеж дека е можно постигнување взаемно прифатливо решение со Грција за надминување на прашањето за името. Според него, за да се дојде до достоинствено решение потребна е политичка волја и неопходен е дополнителен импулс од двете страни за надминување на прашањето, кое, како што посочи, е клучно за просперитет на сите земји во регионот. Во однос на потпишувањето на договорот со Бугарија, Иванов изјави дека таквите договори се израз на компромис што треба да се гледа од аспект на иднината, а не на минатото. Тој воедно ги повика двете Влади да придонесат кон исполнувањето на целта на договорот.
По повод празникот од скопје се обрати и претседателот на владата, Зоран Заев кој порача дека има светла иднина за Република Македонија и за секого во земјата.
Историјата и минатото ги ставивме да бидат цврсти темели на коишто почнавме да ја градиме европската и евро-атлантската иднина на Република Македонија којашто води до квалитетен живот. Денес кога се поклонуваме пред загинатите за слободна иднина, со чист образ можеме да изговориме, дека и нашите генерации, минаа низ предизвиците и се бореа за право, за слобода и за човечки живот! Нашите генерации ја одбраа и одбранија слободната иднина. И тргнати сме чекор понатаму, кон стабилна иднина, рече Заев.
Централното одбележување на Денот на Републиката, 2 август, и државните почести по повод годишнината од Илинденското востание, се одржуваат на Мечкин Камен во Крушево.
Отворањето на програмата на Народниот собир на Мечкин Камен започна со пристигнувањето и поздравот на коњаницата, по што следуваше церемонијата на положување свежо цвеќе на Споменикот на бранителите на Крушевската Република и со интонирање на химната на Република Македонија.
На Народниот собир пред присутните гости се обрати претседателот на Собранието, Талат Џафери.
OhridNews