Претседателот Ѓорге Иванов донесе одлука да поведе иницијатива за формирање на објективна непартиска Експертска комисија за утврдување на фактите за настаните од 24 декември 2012 година, во и пред Собранието, но и за настаните кои претходеа.

Писмото со иницијативата на претседателот Иванов е испратено до Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, до Претседателот на Владата,Никола Груевски и до Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Бранко Црвенковски.

Според Иванов, претседател на Комисијата би го предложил токму претседателот на државата, но би бил избран со консензус.

Тој предлага во Комисијата да членуваат уште пет експерти, еден предложен од претседателот, еден од владејачкото мнозинство, двајца од опозицијата и еден странски експерт, без право на глас, кој би бил предложен од претседателот на Собранието.

– Република Македонија се наоѓа во еден исклучително значаен период поврзан со реализацијата на поставените стратешки цели. Последниот заклучок на Европскиот совет, иако не ги исполни нашите очекувања,сепак претставува перспектива за следниот чекор во евроинтеграцијата, добивање на датум за почеток на пристапните преговори. Настаните кои претходеа, но кулминираа на 24 декември 2012 година во и пред Собранието на Република Македонија, претставуваат предизвик на овој пат, на кој како држава мора да дадеме одговор, се вели во писмото на Иванов.

За иницијативата за формирање на Комисијата, претседателот се повикува последната средба со комесарот Штефан Филе.

OhridNews
извор: Макфакс