Поместувањето на статус кво ситуацијата во интеграциите на Македонија во Европската Унија и НАТО по пресудата на Меѓународниот суд на правдата е обрска и одговорност на меѓународната заедница, порача претседателот Ѓорге Иванов во денешното Годишно обраѓање пред Собранието.
Иванов вели дека тужбата била неизбежен потег и смета дека пресудата го потврдила она што веќе го знаевме.
Оцени дека таа е најсилниот можен аргумент што земјата во моментов го има. Посочи дека Македонија и понатаму останува во рамката на разговори под покровителство на Обединетите Нации.
-Имаме идеална можност за историски исчекор. Пресудата од Хаг, освен што ја легитимира нашата досегашна политика и ни го зголемува угледот, има и уште една голема и значајна димензија: Таа е рамка во која се регулираат прашања кои се исклучително значајни за однесувањето на двете страни во почитувањето на обврските од Времената спогодба. Пресудата потврди дека Република Македонија може да го употребува своето уставно име во рамки на меѓународни организации во кои членува и Грција. Обвинувањата на Грција во врска со непочитувањето на Времената спогодба од страна на Република Македонија беа отфрлени од судот. Затоа не треба да бараме нови начини како да дојдеме до решение. Треба само да ја почитуваме Времената спогодба и да се придржуваме до рамката поставена од резолуциите на ОН, ништо повеќе. Ние сме подготвени за тоа, рече претседателот Иванов.
Според Иванов, одлагањето на стартот на пристапните преговори со ЕУ трета година по ред не е не е неуспех на Македонија. Вели дека се зголемува борјот на земји-членки што стојат зад нивниот старт и смета дека следниот Европски Совет може да донесе исчекор во тој правец.
-Затоа и не сме обесхрабрени. Верувам дека на следниот Европски совет, на следниот Самит на НАТО, доколку се покаже лидерство, храброст и визионерство, статус љуо состојбата во интеграциите може да се помести. Сите ќе бидат победници, а најголеми, секако, ќе бидеме ние и нашиот сосед. Ние со дополнителна мотивираност ќе продолжиме да го реформираме нашето општество. Целта ни е да бидеме пријателски и европски соседи со Грција. Тоа е благодарна цел и за нас, и за Грција, и за Европската унија, вели Иванов.
Во однос на прашањето на идентитетот, Иванов побара спокојство од граѓаните, бидејќи, како што рече, никој нема да може да ни го земе она што го имаме
-Сакам да пратам една порака до нашиот сосед. Република Македонија е реалност. Оваа реалност постоела, постои и ќе постои. За прашањата како што се нашите врвни вредности – идентитетот, јазикот, културата и уставот, воопшто, не сакаме и нема потреба да разговараме. Никој на овој свет нема право овие врвни вредности да ги оспори на друг. Тоа се вредности што може само да се констатираат и почитуваат. Затоа, поаѓајќи од изразената волја на граѓаните на Република Македонија, во иднина нема да прифатам извештај во кој македонскиот јазик и идентитет не се почитуваат. Сакам да упатам една порака до моите сограѓани. Бидете спокојни. Никој на овој свет не може и нема да може да ни го земе она што го имаме, нашето уставно име, нашиот идентитет. Ќе успееме да ги оствариме нашите стратегиски цели. Прашањето не е дали, туку кога. А до тогаш ние самите, сплотени ќе ја создаваме нашата успешна европска и евроатлантска иднина. Ќе ги реализираме целите. Ќе имаме членство и во Европската унија и во НАТО. И таму ќе бидеме тоа што сме. Друга опција не постои, рече Иванов.
Во својот отчет пред пратениците, Иванов информираше дека во годината што изминува остварил 23 посети на странски држави, бил домаќин на вкупно 9 негови колеги, а се сретнал со над 70 шефови на држави, влади и на меѓународни организации.
Иванов, како Врховен командант на вооружените сили потсети и на изборот на нов Началник на Генералштабот на АРМ, како и на одобрувањето на новата организациска и формациска структура на Армијата.
Извор: ,,Макфакс”












